- Ваквите признанија нѐ мотивираат и се надевам дека и други ќе го следат ваквиот пример. Tака ќе придонесеме за мотивација и за подобрување, не само на здравството, туку и на сите состојби во нашата држава - рече студентот Александар Лонгуров.
- Јас во оваа награда најмногу ја гледам моралната димензија. Затоа што таа ќе им даде поттик не само на студентите, туку и на останатите чинители во општеството да ја продолжат оваа традиција, да вложуваат, да се солидаризираат со студентите и да ни даваат нова енергија - вели Стефан Коцев.
Градоначалникот на Штип ги повика да останат овде, во државата, и да придонесат за развој на македонскиот здравствен систем и на државата, воопшто.
- Уверен сум и знам дека оваа држава има иднина и надеж со вакви млади луѓе. Побарав од нив да бидат едни од оние доктори што ќе останат овде во државата. Тие ќе бидат носители на здравствениот систем - изјави градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.
Наградата во износ од 1000 евра ја доделува Институтот „ЕМАРИ“, а се доделува по повод достигнувањата на студентите во својата област во рамките на студирањето на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
- Нека меморијалната награда „Д-р Марија и Емилија Кукубајски“ биде морален поттик за идните лекари несебично да го даваат своето најдобро за потребите на човештвото, македонскиот народ и луѓето насекаде - изјави Марија Кукубајска од Институтот „ЕМАРИ“, кој ги доделува овие награди.
Двајцата се студенти во петта година на Факултетот за медицински науки при УГД и до сега биле дел од голем број семинари, обуки и пракса. Тие рекоа дека планираат својата иднина да ја реализираат овде во државата.
Најдобри студенти по медицина