Иван е дипломиран студент по новинарство и односи со јавноста на УГД и по ангажманот во неколку медиуми одлучи да работи на брод, на анимирање на млади лица и деца кои одат на крстосување низ светот. Судбината сакаше Иван да се најде на бродот во момент кога во целиот свет состојбата со корона вирусот се искомплицира, се затворија границите, а бродот имаше проблем да влезе во кое било пристаниште. Во моментот на бродот нема патници, тие заминале во своите домови, но над 1300 од вкупната бројка од 1800 членови на екипажот и персоналот на бродот речиси еден месец се во своевиден карантин. Во разговорот за Универзитетското радио, Иван вели дека се чувствува добро и дека на бродот има 20-мина лица од Македонија, а тој е единствениот од Штип. Компанијата која ги ангажирала им обезбедила сместување во кабините на бродот кои вообичаено се наменети на патниците, а ги покрива и трошоците за исхрана. Досега немало тестирања за присуство на корона вирусот, само контроли на температура од страна на медицинската екипа на крузерот. За да се извршат тестирања би било комплицирано, затоа што треба стручни екипи да влезат на бродот и да извршат тестирања, што засега е неизводливо.
- Сите мои планови сега се сменија, договорт за работа на бродот ми беше до 18 април, потоа сакав да ја посетам Аргентина, па да се вратам дома, во Штип. Но, сега единствениот план е како да се вратам дома. Компанијата планира наскоро да нѐ распредели на различни бродови според тоа од каде доаѓаме. Ние кои сме од Европа имаме шанси да стигнеме некако до Јадранот или Егејско Море, а потоа некако да стигнеме и до Македонија – вели Иван Дуковски.
Целиот разговор со Иван Дуковски слушнете го во продолжение.