Овие студенти ќе добијат стипендии на УГД

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и оваа година преку ослободување од партиципација ќе ги стимулира најдобро рангираните бруцоши, оние кои ќе се занимаваат со спорт во рамките на своето студирање и оние кои избрале да студираат македонски јазик и книжевност. Овие одлуки неодамна ги донесоа Универзитетскиот сенат и Ректорската управа на УГД.   

Универзитетот ќе обезбеди 210 партиципации за прворангираните студенти, и тоа:

Факултет за медицински науки – партиципација за најдобрите 30 рангирани кандидати на Конкурсот за упис на студенти; Земјоделски факултет, Факултет за природни и технички, Економски факултет, Правен факултет, Факултет за туризам и бизнис логистика, Факултет за информатика – за најдобрите 20 рангирани кандидати; Електротехнички факултет, Машински факултет, Технолошко-технички факултет, Факултет за образовни науки и Музичка академија – партиципација за најдобро рангираните 10 кандидати; Ликовна академија и Филмска академија - партиципација за најдобрите 5 рангирани кандидати на Конкурсот за упис на студенти.

Воедно, студентите од ромска националност кои се запишани во учебната 2021/2022 година се ослободуваат од плаќање на партиципација за прв и за втор семестар. Останатите трошоци студентите си ги покриваат сами.

Во категоријата за ослободување од плаќање партиципација за прва година на студии се и сите редовни студенти запишани во прв уписен рок на студиската програма Македонски јазик и книжевност – прв циклус студии. Овие стипендии ќе ги покрие Институтот за јазици на Филолошкиот факултет.

Ослободени од плаќање партиципација ќе бидат и сите студенти кои ќе бидат дел од спортските клубови и екипи на Универзитетот „Гоце Делчев“. За тие студенти стипендијата ќе биде покриена од Универзитетскиот спортски и културен центар.

Покрај ова, актуелните и новите студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ имаат можност да добиваат стипендии од Министерството за образование и наука и од компании од бизнис заедницата. Овие повици за аплицирање ќе бидат објавени дополнително од страна на бизнис заедницата или на Министерството. Стипендиите кои ги доделува УГД за најдобрите кандидати и оние на Македонски јазик и книжевност се по автоматизам од ранг-листата на новозапишаните студенти и нема потреба да се аплицира за нив.

Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…