Кредит-трансфер системот е унифициран систем кој овозможува препознатливост и споредување на различни образовни програми на универзитетите низ цела Европа. Универзитетот „Гоце Делчев“ уште од почеток е дел од Европскиот кредит-трансфер систем. Целокупниот систем е базиран на поени (бодови) – кредити кои ја искажуваат оптовареноста на студентите во совладување на одреден материјал.
Кои се целите на кредит-трансфер системот?
- Зголемена мобилност на студентите. Оваа мобилност може да се остварува во институцијата (универзитетот) надвор од универзитетот во државата (на други универзитети во државата) или пак надвор од државата (на европските универзитети).
- Прецизен увид во обемот на работата и оптовареноста на студентот.
- Можност за постојано следење на напредокот на студентот според резултатите од учењето.
- Објективност во оценувањето.
- Студиските програми да бидат компатибилни со повеќе универзитети во земјата и во Европа.
- Мобилност на студентот.
- Пренесување на постигањата на студентот од една во друга институција.
- Зголемена индивидуализација на текот на студирањето.
- Можност за концепт на доживотно учење.
Ова се некои од целите на ЕКТС, кој на Универзитетот „Гоце Делчев“ се применува на сите три циклуси на студии. Во следните текстови од серијата „Права и обврски на студентите“ ќе дадеме одговор и на многу други прашања кои се поврзани со студирањето на УГД.