Разговор со организаторите на меѓународниот студентски симпозиум на ФМН

Интервју со Спасе Стојанов, студент на Факултет за медицински науки

1. Прв меѓународен студентски симпозум за студентите на медицинските науки кој ќе се одржи на 20ти април во Мултимедијалниот центар на Универзитетот “Гоце Делчев“. Што претставува накратко овој меѓународен научен симпозиум ?

- Точно така, ова е првиот меѓународен студентски симпозиум каде што студентите можат да бидат вклучени со некое свое истражување односно со некој свој проект. Целта на тој симпозиум е студентите повеќе да се вклучат во научно-истражувачките дејности и да сработат нешто со кое потоа ќе се гордеат и самите себе а и Универзитетот со нив. Секој студент може да се одлучи да истражува за некоја област и со помош на некој професор кој ќе биде ментор да напишат апстракт и да го прикачат на УГД журнали. Сработеното истражување можат да го презентират со орална или пак со постер презентација. Со оралната презентација студентите својот труд ќе го презентираат во power point презентација која ќе трае десеттина минути и ќе биде на англиски јазик. Вториот начин е со постер презентација, каде што сработеното ќе го испечатат како постер и ќе го претстават пред другите студенти, а и пред професорите. Исто можат да се пријават како пасивни учесници, односно да бидат слушатели и да ја проследат работата на своите колеги. Секако, на крајот од симпозиумот секој од студентите ќе добие сертификат како доказ за присуството на симпозиумот. Како за активно, така и за пасивно учество пријавувањето е бесплатно, но е ограничено. На веб страницата на УГД пишува каде и како може да се пријави секој кој што е заинтересиран на било каков начин да учествува во симпозиумот.

(http://ugd.edu.mk/index.php/mk/ugd/vesti/5666-megjunaroden-naucen-simpozium-za-studentite-na-medicina)

2. Кои предавачи се вклучени во процесот, на кои теми ќе се зборува  и на кој начин ќе се одвива предавањето?

- Предвидено е програмата да биде поделена во три сесии и во секоја сесија да има по четири орални презентации на студенти и една пленерна презентација на професор. Сесиите ќе бидат поделени на општа медицина, фармација и стоматологија и во секоја сесија како што кажав можат максимум да се пријават четири студенти за орална презентација, па затоа го користам овој момент да им пренесам на тие студенти што се заинтересирани за орална презентација да побрзат со прикачувањето на своите апстракти, бидејќи бројот е ограничен. Инаку за пленерните предавања имаме ангажирано тројца професори, еден од нив е и нашиот декан проф. д-р Рубин Гулабоски кој ќе има мотивационен говор, односно ќе го раскаже својот пат до успехот, а со тоа ќе не мотивира и нас студентите да работиме упорно. Другите двајца предавачи ќе имаат научни презентации, односно ќе го презентираат својот труд. Едниот предавач ни доаѓа од Романија, тоа е професорот Mihnea Ioan Nicolescu кој ќе презентира во сесијата за стоматолози, а третиот предавач е професорката Мiglena Doneva која е вработена на фармацевтскиот универзитет во Софија во катедрата по Социјална фармација и фармакоекономија и ќе презентира во сесијата за фармацевти.

3. Чија беше идејата за да се започне ваков настан и кој го организира ?

- Идејата е заедничка и на студентите и на професорите. Сепак, како главни иницијатори се професорите Дарко Бошнаковски и Рубин Гулабоски, а исто така поддршка и помош имаме и од останатите професори и асистенти, кои секогаш се тука да ни помогнат за било што во организирањето на симпозиумот.

4. Дали има заинтересираност од страна на студентите на медицинските науки и што може да очекуваат од овој симпозиум?

- За сега се движиме во добра насока, има пријавено над 200 пасивни слушатели и има прикачено 16 апстракти, од кои некои се за орална а некои за постер презентација. Знаејќи го фактот дека во последните денови има најмногу прикачувања и пријавувања очекуваме дека бројката уште толку ќе се зголеми и дека ќе има многу заинтересирани. Затоа ги повикувам сите студенти кои сакат да учествуваат слободно да се пријават. Рокот за прикачување на апстрактите е до 30 март, така да има доволно време да го напишат. Верувам дека на секој професор ќе му биде мило да биде ментор и дека без проблем ќе прифати да соработува со студентите. Треба да ја искористиме оваа прилика што ни ја нуди УГД и направиме нешто што ќе ни биде од корист. Како студенти секогаш гледаме да дигнеме колку што е можно поголем просек, а на крајот гледаме дека оценките и не се големо мерење на знаењето. Секако оцените се битни, но многу е подобро кога во некоја област си активен кога си напишал свој апстракт и кој понатаму може многу да ти помогне и во понатамошните студии, а и после заваршувањето на факултетот.

5. Дали постои можност и студенти од другите факултети да присуствуваат на симпозиумот ?

- Секако тоа е и целта да вклучиме и студенти и од другите факултети. За сега има пријавено студенти од Скопскиот и од Битолскиот Универзитет, кои се пријавени и како пасивни, но и како активни учсеници. Некои од нив имаат прикачено апстракт и се имат пријавено за орална и постер презентација. Исто така се надеваме и на пријава на студенти од странство. Тоа е добро и не радува бидејќи со тоа се споделуваат знаењата на студентите од различните универзитети, а исто и се стекнуват нови пријателства и има меѓусебно дружење со студентите. Исто така со тоа го рекламираме нашиот Универзитет и неговиот рејтинг се зголемува.

6. Симпозиумот се одржува прв пат оваа година. Дали мислите дека настанот може и треба да прерасне во традиција и да се одржува секоја година?

- Знаејќи ги дел од студентите на УГД и знаејќи ги нивните желби и амбиции за наука, мислам дека тоа е само еден почеток на нешто прекрасно. Верувам дека како што ќе минуваат годините одзивот ќе биде се поголем и поголем како за пасивно, така и за активно учество. Верувам дека професорите и понатаму ќе продолжат да бидат добри и флексибилни со нас студентите и секогаш ќе се тука да ни ја дадат нивната поддршка. За сега сè е како што треба, верувам дека и другите генерации ќе покажуваат интерес и дека тоа што ќе го сработат ќе им биде од корист за напредувањето на нивната понатамошна кариера.

Последен пат изменето на Вторник, 15 Март 2016 15:55
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…