Предводени од предметните професори проф. д-р Лазар Нанев и доц. д-р Олга Кошевалиска, како и од предметниот ас. докторанд Елена Максимова, студентите имаа можност одблизу да се запознаат со работата на едни од најважните институции при реализацијата на кривичната постапка во Македонија.
Во Одделот за крим-техника детално им беше презентирана работата на вештите лица и начинот на којшто вршат вештачење на механички траги и моторни возила, траги од огнено оружје и балистика, предизвикување и вештачење на траги од папиларни линии, вештачење на спорни документи и сл.
Во зградата на Јавното обвинителство на студентите им беше презентирана работата на јавните обвинители во Република Македонија согласно со законските и подзаконските акти директно од јавниот обвинител Гордана Гешковска. Студентите имаа можност да поставуваат прашања за сите актуелни теми што ги интересираат. Им беа презентирани новите просторни можности што ги нуди зградата, адаптирана согласно со новите законски прописи, просториите за препознавање и сослушување, подрумите со ќелии и просториите за 24-часовен престој на уапсени криминалци, специјалните лифтови кои водат точно во собите за истрага и слично.
Увидувајќи ја практичната страна на кривичната постапка, посетата беше од голема важност за сите студенти, а особено за оние кои планираат да се занимаваат со кривично право, по завршувањето на студиите.