SignAloud: Ракавици кои го претвораат јазикот на глувонеми во говор

Јазикот на глувонеми е извонредна „алатка“, но многумина луѓе не можат да ја користат, што може да ја направи проблематична комуникацијата помеѓу глувонемите и останатите луѓе. Оваа комуникациска бариера наскоро може да стане минато, со креирањето на пар ракавици кои го преведуваат односно претвораат јазикот на глувонеми во текст или говор.

Креатори на овие ракавици наречени „SignAloud Gloves“ се двајца студенти на Универзитетот „Вашингтон“, Навид Азоди и Томас Прајор. Тие освоија награда од 10.000 долари за создавање на овие ракавици, односно носечки уреди кои се потпираат на комбинација на сензори кои интерпретираат движења и позиција на рацете и испраќаат детални информации на компјутер преку Bluetooth, каде што статистичка регресија избира најверојатно збор или фраза од базата на податоци на знаците од јазикот на глувонеми. Така, кога системот наоѓа совпаѓање, тогаш ги чита зборовите на глас или ги претставува текстуално, односно ако гест со раката се совпаѓа тогаш соодветниот звук е изговорен од страна на компјутеризиран глас преку звучник.

Оние кои комуницираат со јазик за глувонеми често имаат потреба од преведувач за да бидат разбрани. Новите уреди, како овие, ќе им овозможат да комуницираат јасно и самостојно со сопствените услови, со користење на технолошки посредници да се премости јазот помеѓу знаковниот јазик и говорот. Носењето на овие ракавици од страна на глувонемите лица ќе им помогне полесно и побрзо да комуницираат вербално, едноставно со користење на нивните раце.

Иако ова не е првиот уред за преведување на јазикот на глувонеми, сепак овие ракавици се лесни, компактни и приспособливи на рацете, а и доволно ергономски за да се користат во секојдневниот живот на луѓето, како што сега се звучните помагала или контактните леќи.

Автор на текстот е Славица Стојменова, студентка на Машински факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

Последен пат изменето на Четврток, 19 Мај 2016 14:09
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…