Седум тима, од кои три од студенти на Факултетот за информатика и четири од средните училишта во Кочани, Крива Паланка, Штип и во Кавадарци, два дена (23 и 24 март) работеа на програмирање на апликации на тема „Креативни решенија за здравството“, кои треба да им помогнат на здравствените работници, во вршењето на нивната работа, како и на пациентите и на старите и изнемоштени лица.
Во саботата најпрвин беа презентирани апликациите кои ги подготвија тимовите, по што им беа доделени наградите на најуспешните тимови студенти и средношколци од Хакатонот на УГД 2018.
Комисијата во состав: проф. д-р Цвета Мартиновска Банде, проф. д-р Александра Милева, проф. д-р Игор Стојановиќ, Наќе Мицев од CODEX Computers, Дејан Митов од Babylon Software Solution и Сашко Андонов од TECHKO NET ги додели следниве награди:
• Прва награда за најдобра студентска апликација од 50000 денари за тимот „Ground Zero“, во состав: Ајша Рахмани, Сара Костоска, Марјан Михајловски и Роберт Јакимов од Факултетот за информатика при УГД за апликацијата „Капка живот”;
• Прва награда за најдобра средношколска апликација од 20000 денари за тимот „Code X Team“, во состав: Виктор Кузманов, Страшо Наумов и Саво Трајков од Гимназија „Добри Даскалов“ во Кавадарци за апликацијата „Дислексикон”;
• Награда за оригинална идеја од 5000 денари за тимот „404“, во состав: Кире Петров, Стефан Стојанов и Валерија Димковска од Факултетот за информатика при УГД за апликацијата „eLab”.
Деканката на Факултетот за информатика, проф. д-р Цвета Мартиновска-Банде, им додели благодарници за поддршка на Хакатонот на УГД 2018 на фирмите CODEX Computers, Babylon Software Solution и TECHKO NET.
Им честитаме на сите учесници и на наградените студенти и средношколци.
Повеќе информации ќе најдете на веб-страницата http://fi.ugd.edu.mk/hakaton2018/.