„Маркарт“ донираше опрема за автоматизација на ЕТФ

Компанијата „Маркарт“ донираше опрема од областа на автоматиката на Електротехничкиот факултет.

Опремата вклучува програмибилни логички контролери и сервомотори и ќе придонесе за квалитетно изведување на практичната настава на факултетот.  Воедно ова претставува проширување на соработката со компанијата „Маркарт“ започната уште пред три години.

-Ние започнавме иницијална соработка со УГД пред три години, со примање на студенти кај нас на пракса, и чест ни е што оваа година одлучивме да донираме опрема. Традиционално секоја година донираме опрема за средните училишта, за факултетите, и се надеваме дека и со оваа донација ќе придонесеме за унапредувањето и развојот на образовниот систем кај нас. Ова е машина за автоматизација и се надеваме дека ќе се искористи практично во процесот на едукација на студентите, кои очекуваме да станат наши идни вработени. Се надеваме дека од ЕТФ ќе произлезат добри кадри кои ќе ги водат процесите на производствена работа кај нас – изјави Тања Пенкова од „Маркарт Македонија“.

Договорот за донација и за соработка го поздрави и ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, истакнувајќи дека ова е одлична можност за поврзување на факултетите со бизнис секторот.

Ние сме благодарни на оваа донација, и мислам дека и понатаму ќе продолжи ваквата соработка во интерес на тоа да им пренесеме подобро знаење на студентите и да направиме подобар производ за индустријата. „Маркарт Македонија“ предава една мултинаменска машина во делот на автоматизациските процеси кои се изучуваат на Електротехничкиот факултет и ова е значаен момент за поврзување на факултетите со бизнис секторот – изјави ректорот Боев.

Деканката на ЕТФ, проф. д-р Василија Шарац, смета дека факултетот ќе има голем бенефит.

Ќе може да се изведуваат практични лабораториски вежби, бидејќи ова е опрема која е софистицирана, во себе опфаќа различни елементи на автоматика, протоколи, пеелциња, и на тој начин нашите студенти ќе можат да работат на едни реални процеси и да се подготвуваат на она што ги чека како идни електроинженери при нивното вработување во компанија како „Маркарт“ или слична на неа – вели деканката Шарац.


 

Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…