Приказ на предметите според таг: nauka

Успешно завршија двата дена во рамките на Конференцијата со наслов „Економски и социјални импликации од ковид-19, предизвици и предлози за надминување”, во организација на Економскиот факултет при УГД. Конференцијата со своите поздравни говори ја отворија проректорот за настава, проф. д-р Мишко Џидров, деканката на Економски факултет, проф. д-р Оливера Ѓоргиева-Трајковска, како и продеканката за настава на Економски факултет, проф. д-р Емилија Митева-Кацарски. Учесниците на првиот ден, како од земјава така и од странство, со своите научни трудови дадоа свој придонес преку анализа на предизвиците со кои денес е соочен светот поради глобалната пандемија, како и на политиките и стратегиите кои треба да бидат преземени во насока на стабилизирање на економијата, додека пак на вториот ден претставниците на институциите (Народна банка, Стопанска комора, Институт на овластени ревизори, Македонска агенција за задолжителни нафтени резерви), како и од бизнис секторот, ги споделија своите искуства во врска со импликациите на глобалната пандемија врз нивното работење.




Објавено во Наука

Проф. д-р Тодор Серафимовски од Факултетот за природни и технички науки при Универзитет „Гоце Делчев” – Штип неодамна е избран за претседател на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност.

Објавено во Образование

Тоа што се очекува да произлезе како резултат од проектот претставува огромен предизвик кој може да има влијание во националните е-здравствени политики и значајно влијание во креирање на здравственото право како посебна наставно-научна дисциплина во нашата земја.

Вонредниот професор д-р Кристина Мишева, која е шеф на Катедрата по деловно право на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, говори за „Жан Моне“ проектот и нејзината улога, како и улогата на Универзитетот во него. Имплементацијата на проектот започна претходната година и тој веќе се реализира. Реализацијата се одвива преку неколку мултидисциплинарни научноистражувачки, стручни и едукативни активности, наменети за академската заедница, професионалци од областа, студентите на УГД и граѓаните.

Тоа што се очекува да произлезе како резултат од проектот претставува огромен предизвик кој може да има влијание во националните е-здравствени политики и значајно влијание во креирање на здравственото право како посебна наставно-научна дисциплина во нашата земја.

Вие сте носител на „Жан Моне“ проект финансиран од Еразмус+ програмата. Која е темата на овој проект и дали е предизвик да се работи во време на пандемија?

Така е, во 2020 година преку Еразмус+ програмата, Универзитетот „Гоце Делчев“ беше селектиран за поддршка на проектот со наслов: „ЕУ е-здравствено право и Северна Македонија: Од тековни практики до имплементација“. Со овој пионерски потег Универзитетот „Гоце Делчев“ -Штип стана моно-корисник на поддршката од „Жан Моне“ активностите-„Жан Моне“ проекти, а јас се стекнав со статус на „Жан Моне“ координатор. Членовите на проектниот тим се професори и млади истражувачи - вработени на УГД од областа на правото, медицината, биоетиката и информациската и комуникациската технологија. Имплементацијата на проектот започна претходната година и тој веќе се реализира. Реализацијата се одвива преку неколку мултидисциплинарни научноистражувачки, стручни и едукативни активности, наменети за академската заедница, професионалци од областа, студентите на УГД и граѓаните. Овој семестар во тек е онлајн-курс под назив „ЕУ е-здравствено право, ИКТ и биоетика“, наменет ексклузивно за студентите на УГД, повеќе за ова може да се најде на следнава веб-страница: https://euehl.ugd.edu.mk/index.php/en/lecture-course/eu-e-health-law-itc.

Пандемијата предизвикана од ковид-19 нè исправи пред предизвици во секоја пора од нашето живеење и дејствување. Предизвиците да се реализира проект од ваков вид и обем во вакви услови се големи. Еден предизвик е да се биде пионер во една ваква област, сосема друг и дополнителен предизвик е фактичката ситуација во државава и светот. Од една страна, со галопирачка брзина се укажа на круцијалното значење на резултатите од активностите на проектот во чија основа е заштитата на јавното здравје (salus populi suprema lex), а, од друга страна, тешко е  изводливо да се имплементираат проектни активности кои биле планирани да се реализираат непосредно (физички) во соработка со колеги од регионот, земји-членки на ЕУ, Европа, Америка и Русија, на наш терен. Кога аплицирав (крајот на 2019 година) за проектот, не можев да претпоставам дека електронското здравство ќе стане неопходна потреба во служба на заштита на нашето здравје и дека ќе има централно место во целиот свет (системски и индивидуално). Така, интересот за електронското здравствено право кај посебен институт во едно модерно општество е услов sine non qua. Дополнително, она што се очекува да произлезе како резултат од проектот претставува огромен предизвик кој може да има влијание во националните е-здравствени политики и значајно влијание во креирање на здравственото право како посебна наставно-научна дисциплина во нашата земја.

Како дел од НАТО-програмата „Наука за мир и безбедност“, Правниот факултет од Штип беше еден од носителите, а Вие кодиректор на напредниот тренинг-курс „Кон ефективна сајбер-одбрана во согласност со владеење на правото“. Дали ова беше публикувано и достапно за студентите, па и за другите луѓе што сакаат да се запознаат со овие теми?

Во 2019 година во Охрид се реализира НАТО СПС напреден тренинг-курс (NATO SPS ATC) насловен како „Кон ефективна сајбер-одбрана во согласност со владеење на правото“. Како кодиректор за Северна Македонија и професор на Правниот факултет -УГД, бевме домаќини на овој 5-дневен настан наменет за 40 учесници (стручни лица и професионалци од земјите од Западен Балкан и од земји-членки на ЕУ) и 17 реномирани професори и стручни лица од целиот свет, како предавачи на курсот. Нашите алумни-студенти имаа централно место и беа активно вклучени во овој тренинг-курс, со што имаа можност да слушаат предавања и да добијат обука од респектабилни професори и стручни лица од областа на правото и сајбер-одбраната. Како дополнителен резултат од овој проект произлезе Меѓународната научна публикација под ист назив како и проектот „Кон ефективна сајбер-одбрана во согласност со владеење на правото“. Публикацијата е достапна онлајн и во печатена верзија преку реномираната издавачка куќа од Амстердам ИОС Прес (IOS Press). (https://ebooks.iospress.nl/bookseries/nato-science-for-peace-and-security-series-e-human-and-societal-dynamics ). Сепак, за нашите студенти и за членовите на Универзитетската библиотека на УГД, печатеното издание е достапно бесплатно.

Кристина Мишева

Имате формирано секција за млади истражувачи како дел од годишната конференција на Вашиот факултет. Што претставува ова за студентите?

Во рамките на годинашната меѓународна научна конференција „Општествените промени во глобалниот свет“ на Правниот факултет- УГД, како посебна секција се организира и реализира конференцијата за млади истражувачи. Овој настан се организира паралелно со меѓународната научна конференција и им овозможува на младите истражувачи да бидат дел од презентациите и меѓусебните дијалози помеѓу наставно-научните соработници од земјава и од светот, но и да се воведат во светот на академската заедница со индивидуален или колективен придонес. Идејата за креирање ваква секција созреваше во текот на годините, а поттик беше потенцијалот кој го согледавме кај нашите студентите да се „испробаат“ на полето на научноистражувачката дејност. Големиот интерес за учество во ваков настан нѐ охрабри да продолжиме со организација на ваква секција веќе неколку години по ред. И ме радува фактот дека истата опстојува и во услови на пандемија. Сметам дека развојот и унапредувањето на студентите се од исклучителна важност за сите нас. Најмалку што треба да направиме е да ги инволвираме и мотивираме студентите во различни студентски активности, а тие понатаму ќе продолжат со свој стил, во свое темпо, со свој капацитет и приоритет во остварување на своите цели. Резултат од сето ова се нивните позитивни коментари и континуирана комуникација со нас, професорите, и по нивното дипломирање.

Студентскиот селектиран интелектуален придонес може да се најде во посебни публикации онлјан во УГД-журнали (https://js.ugd.edu.mk/index.php/scgw/issue/archive) и во печатена верзија во Универзитетската библиотека на УГД и на Правниот факултет.

Веста е преземена од Факултети.мк

Објавено во Наука

Факултетот за туризам и бизнис логистика и УГД го реализираа вториот од серијата вебинари поврзани со влијанието на Ковид кризата со одделни области од животот. Вториот вебинар, кој се одржа во петок - 19 март 2021 година на платформата Microsoft teams, беше посветен на менталното здравје и имаше наслов „ Ковид, менталното здравје и lockdown стории: како да си помогнеме?“.

Проф. д-р Александра Жежова од ФТБЛ пред студентите учесници на вебинарот и останатите колеги предавачи и учесници говореше на тема „Влијанието на медиумите и дезинформациите во време на КОВИД 19: менталното здравје и општествените девијации”.

- Улогата на медиумите беше огромна од почетокот на пандемијата, тие нѐ информираат, но не само поради онаа статистика која секојдневно се објавуваше и која секој ја прифаќа со различна перцепција – некој се фокусира на бројот на починати, некој на бројката на излекувани. Така и сфаќавме дека една иста информација на различен начин се прифаќа и толкува. Но овде не станува збор само за информации од медиумите, сите наши контакти влијаеја да го оформиме нашето мислење, а не е изненадување што драстично се зголеми следењето на медиумите, но и на нивните онлајн изданија. Тука секако беше голема можноста да наидеме на дезинформации, а сето тоа предизвикува последици и врз нашите емоции, доведува до страв, несигурност – рече проф. д-р Жежова.

Втор предавач беше проф. д-р Мирослав Пендароски, Меѓународен славјански универзитет „Гаврило Романович Державин”, Факултет за психологија, а неговата тема беше     „Ние ли сме тоа?! – психосоцијалните феномени на долготрајното себеотуѓување”. Според него, интересно е дека за време на пандемијата е зголемен бројот на лица кои посетуваат психотерапија, но за жал, не можеме да се израдуваме на овој податок, бидејќи во случајов не станува збор за посета на психотерапевт за да се расте, туку за да се надмине оваа навистина тешка ситуација.

- Многу психолошки феномени беа зафатени и допрва ќе бидат зафатени, затоа што да се зборува за ментално здравје со доза на сигурност какви ќе бидат последиците за време на криза која сѐ уште е тука е многу неблагодарно. Јас мислам дека по некое подолго време ќе ги знаеме вистинските последици – изјави проф. д-р Мирослав Пендароски.

Проф. д-р Елеонора Серафимовска, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“,

Институт за социолошки и политичко-правни истражувања, презентираше податоци од истражување на тема       „Психолошките аспекти на пораките пренесени преку интерактивните медиуми за време на пандемијата“. Во истражувањето биле опфатени сите пораки, кампањи, видео и аудиоспотови кои бе користени во кампањата за подигање на свеста за борба против корона вирусот и почитување на препораките. Во истражувањето е истакнато дека во вакви кампањи се важни и навидум неважни детали – бојата на буквите или заднината на банерите кои се објавуваат, пораката која се испраќа, начинот на кој се испраќа, за да се постигне саканиот ефект.

УГД ќе продолжи со организирањето на вебинари, во кои ќе се вклучат и останатите факултети во состав на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Објавено во Наука

Економскиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев” во Штип ќе биде домаќин на Tретата меѓународна научно-стручна конференција со наслов „Економски и социјални импликации од ковид-19, предизвици и предлози за надминување“, која ќе се одржи онлајн, на 28 и 29 јуни 2021 година. Конференцијата ќе биде организирана како форум на едукатори, истражувачи и практичари, со цел презентирање и дискусии поврзани со последните случувања предизвикани од КОВИД пандемијата, економските и социјални влијанија и последици од оваа криза, како и прашањата поврзани со начинот на економско закрепнување.

Повеќе информации за конференцијата на следниов линк: https://ef.ugd.edu.mk/index.php/mk/icbef.

Објавено во Наука
Страница 3 од 72
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…