На натпреварот, кој се одржа во Конгресен центар и Центар за доживотно учење на планината Плачковица учествуваа триесетина студенти од насоките Гастрономија, исхрана и диететика и Хотелско-ресторанска насока од наставните центри во Штип и во Скопје. Во кујнскиот и ресторанскиот дел од Центарот на Плачковица, студентите поделени во осум групи подготвуваа храна по претходно изготвено мени, која потоа ја сервираа и ја ставаа на увид пред комисија од професори и искусни угостителски работници, кои ја оценуваа секоја фаза – од приготвувањето до сервирањето и услужувањето на гостите. Беа доделени и повеќе награди – за постигнувањето во поставувањето на масите за послужување, за квалитетот и оригиналноста на зготвените јадења, како и за интернационални и национални јадења. Според сите критериуми, најуспешни беа студентите Раде Биковски,
Димитар Ивановски, Марија Постолова и Младен Мицевски, кои добија и награда престој со полн пансион во Хотел „Десарет“ во Охрид.
Според деканот на ФТБЛ, проф. д-р Никола Димитров, намерата е натпреварот да стане традиционален, а проф. д-р Нако Ташков најави дека од идната година ќе учествуваат и други факултети за гастрономија од Република Македонија, со што натпреварот ќе го надмине интерното ниво на УГД. Во подготовката на натпреварот учествуваа и продеканот на ФТБЛ, доц. д-р Дејан Методијески и асс. Кристина Ковачева.
Првиот Гастрономско-ресторански натпревар на ФТБЛ се одржа во Конгресен центар и Центар за доживотно учење и подобрување на вештините на УГД, лоциран на планината Плачковица, кој беше реновиран и опремен преку заеднички проект на УГД и Американскиот универзитет во Бугарија преку IPA инструмент за прекугранична соработка Мк-Бг III повик.