Започнува првиот уписен рок на УГД

„Универзитетот ’Гоце Делчев’ – Штип е подготвен за првиот уписен рок, кој стартува во понеделник - 15 август“, изјави на прес-конференција ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев.

„За академската 2016/2017 година, според Конкурсот, се предвидени слободни места за над 5.000 завршени средношколци и сметаме дека тоа е бројка во која својот интерес можат да го најдат сите заинтересирани средношколци. Бројот е доволен да ги артикулира потребите на сите заинтересирани од овој дел на Македонија и пошироко. Нова студиска програма годинава е Вајарство на Ликовната академија, а другите програми се оние кои и досега постоеја на УГД. Мислам дека сѐ уште  се во доволна кондиција за да може да издржат уште некоја година. Во дисперзираните студии генерална измена не постои, единствено се зајакнати капацитетите во нашите центри и мислиме дека од оваа година тие студии ќе функционираат во добра кондиција како и досега. Нашите дисперзирани студии не се отворани за нечии потреби, туку за потребите на факултетите на Универзитетот и главно се просторно дислоцирани да одразуваат некоја потреба на некои факултети. На пример, во Струмица е Центарот за земјоделие и истражување во земјоделството, во Кавадарци е Центарот за енологија и лозарство и винарство, во Прилеп за рударство и геологија како дел од Македонија кој артикулира повеќе од 80 % од енергетските потреби на државата. И годинава очекуваме студенти од странство, може да се запишат 10 % од вкупната бројка на студенти. Во минатите години беа околу 150, така што и оваа година очекуваме толкав број на странски студенти“.

Ректорот Боев потсети и дека УГД од оваа година овозможува електронско пријавување за упис на УГД, преку електронска платформа, приспособена на потребите на идните студенти кои можат од дома, од  каде било електронски да креираат пријава. Од наредните години ќе се оди на тоа електронското пријавување да доминира, како многу поедноставен начин за конкурирање за упис.

Иако во Конкурсот е превидено првиот уписен рок да трае три дена – 15, 16 и 17 август, сепак УГД донесе одлука документи да се примаат и во четврток и во петок, 18 и 19 август. Пунктовите за прием на документи и пријави во Штип ќе бидат лоцирани во фоајето на Домот на културата (веднаш до Правниот факултет), а пунктови ќе има и во дел од дисперзираните центри.

Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…