Голем интерес во првиот ден од првиот уписен рок на УГД

Околу 1.000 пријавени кандидати во првиот ден од првиот уписен рок на сите факултети и академии на УГД. Проректорот за настава на УГД доц. д-р Кирил Барбареев изјави дека бројките на студенти и уписите течат според планираното.

- 600 кандидати има досега со физички пријави и некаде околу 400 на електронската платформа. Тоа значи дека имаме близу 1.000 кандидати во овој прв ден. Тоа кажува дека интересот ќе биде голем. Најголемата гужва е на Факултетот за медицински науки и на Факултетот за природни и технички науки, Филолошкиот факултет и Факултетот за туризам и бизнис логистика. Најавени се и странски студенти од Турција, Србија, Хрватска, Гана и од Германија. Тоа се најави и моментално се работи на нивната документација . истакна проректорот Барбареев

Електронскиот систем за пријавување функционира во најдобар ред. Досега голем број кандидати го користат и електронскиот начин за да се пријават.

- Електронското пријавување на кандидати за упис е новина од оваа година на УГД. Тоа им нуди можност сите свои податоци да ги пополнат електронски. Системот беше отворен неколку недели претходно, па студентите можеа тоа да го сторат и од дома. Системот нуди можност електронски да се платат сите трошоци. Од бројката на студенти сме изненадени дури и ние. Голем број студенти се пријавуваат и електронски.истакна Ристе Тимовски од Центарот за е-учење

Луѓето од Центарот за електронско учење се на местото на уписите и им помагаат на студентите доколку сакаат електронски да се пријават и да ги избегнат турканиците. Дел од студентите кои го сториле тоа изјавиле дека е многу едноставно и дека целиот процес тече многу бргу.

Службите на УГД ќе примаат документи до крајот на оваа седмица и сите заинтересирани кандидати ќе можат да аплицираат во просториите на стариот Ректорат во Штип или во просториите на факултетите во дисперзираните центри.

Прелиминарните резултати студентите можат да ги следат на http://upisi.ugd.edu.mk

Видео

 

Последен пат изменето на Понеделник, 15 Август 2016 15:21
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…