Конференција за евроатлантските интегративни процеси на Правен факултет

На Правниот факултет при УГД се одржа втората работилница од проектот „Влијание на евроатлантските интегративни процеси на меѓуетничките односи во Република Македонија“, во организација на Евроатлантскиот совет на РМ. Ваква работилница претходно беше одржана и на Штуловиот универзитет во Тетово, а ќе се одржи и во кампусот на УГД во Струмица. Презентирани се резултатите од истражувањето на оваа тема, кое покажува зголемен процент на поддршка на интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.

Сознанието дека повеќе од 80% од граѓаните на Македонија мислат дека колку што напредуваме во евроатлантските интегративни процеси толку можат да се подобрат меѓуетничките односи е навистина добар показател. Тоа е нормално, бидејќи вредностите кон кои се стремиме, а ги има во евроатлантските земји – повеќе слобода, демократија, правда, слободни медиуми, независно судство, се вредности кои се предуслов и помагаат да се релаксираат и меѓуетничките односи. Едно што е многу важно, посебно за младите, е дека ако живеат во слободна демократска безбедна земја тогаш се поинвентивни, покреативни и, нормално, веруваат повеќе во тоа што значи нивна перспектива во иднина. Задоволни сме како Евроатлантски совет, бидејќи кога почнавме во 1997 година процентот на проевроатлантски ориентирани граѓани беше некаде околу 37%, а сега веќе имаме бројка над 70%, понекогаш и 80%. Тоа е бројка што ги обврзува политичарите и тие што ги водат институциите да одговорат на желбите, односно на волјата на граѓаните на Република Македонија  изјави Исмет Рамадани, претседател на Евроатлантскиот совет на РМ.

Според Алберт Муслиу, лажен е впечатокот дека евроатлантските интегративни процеси се во втор план:

Поради времето и процесот низ кои минуваме како држава се добива впечаток дека евроатлантските интеграции се ставени во втор план, а од друга страна барањата и желбите на граѓаните укажуваат дека тоа им е една од централните цели и визии како граѓани. Но едно општество кое се базира на други вредности – на владеење на право, на правда, на социјална згриженост и на социјална правда се, всушност, вредности кон кои граѓаните на РМ се стремат. Тоа е дел и од нашата задача, не само да им кажеме на граѓаните кои се придобивките од евроатлантските интеграции и како тоа влијае врз меѓуетничките односи, туку и да им укажеме на политичарите дека во моментов колку и да се битни други теми за нив, сепак овие теми се суштествени и важни за граѓаните.Алберт Муслиу

Ако се погледне кои се денес членки на Евроатлантскиот совет, тоа се силни економии, држави кои апсолутно имаат што да бранат, и од тој аспект мислам дека ние мораме да се свртиме кон себеси, смета Трифун Костовски:

Македонија мора  да го најде своето место во евроатлантските структури, прво во НАТО, но мора да кажам не како осиромашена економија, напротив, ние треба да ја градиме нашата економија, бидејќи овие процеси покрај слободите и правата подразбираат и една стабилна економија. Само така може да се стави крај на заминувањето на дел од граѓаните од државава. На Запад животот може да биде убав, но може да биде и лош. Да го браниме тоа што го имаме овде, бидејќи овде сме свои на своето. Што се однесува на меѓуетничките односи, тоа е процес кој треба да се негува од петни жили од сите етникуми кои живееме на овие простори. Имавме војна која остави длабоки траги и кај населението и кај сите учесници. Сакале или не, од тоа мора да извлечеме поуки што не смееме да правиме во иднина. Меѓуетничките односи треба да се стават на еден висок пиедестал, дотолку повеќе што сме сведоци на едно минато и дека тие мора да ги градиме секојдневно, од секоја позиција, во секоја област. Без добри меѓуетнички односи немаме перспектива - ниту економска ниту политичка, ниту односи кои ќе можат да нѐ носат кон некои повисоки структури  изјави Костовски.

Последен пат изменето на Среда, 19 Октомври 2016 09:11
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…