Сребро и бронза за студенти на ФТБЛ на „Македонија 2016“

На 18 и 19 октомври, во хала 4 на Скопскиот саем се одржа Првиот меѓународен гастрономски натпревар „Македонија 2016“.

Натпреварот го организираше Здружението „Гастро мак“ - национална организација на готвачи и членка на WACS – World Association of Chefs Socities (Светската асоцијација на шефови на кујни), а учествуваа околу двесте учесници, меѓународни судии, професионални готвачи и натпреварувачи од повеќе држави како: Бугарија, Албанија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија, Италија, Романија, Швајцарија, Словачка, Шведска, Турција, Израел и Египет.

Натпреварувачите беа поделени во јуниорски и сениорски категории, а своите кулинарски вештини ги презентираа поединечно и тимски во повеќе категории. Тимот на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип го претставија студентите  Александар Нацов – капитен, Ивана Ѓеоргиева и Марија Денковска од насоката Гастрономија, исхрана и диететика во Скопје, под менторство на доц. д-р Дејан Методијески.

Студентите од ФТБЛ се натпреваруваа во две категории како јуниори: Национално јадење на модерен начин и „Black Box“ во конкуренција на осум тимови, четири од Македонија и четири од Србија. Во натпреварот „Black Box“ го освоија второто место и се закитија со сребрен медал, а во натпреварот Национално јадење на модерен начин го освоија третото место и бронзен медал.

Натпреварот им даде можност на студентите да се запознаат со своите колеги од странство, да разменат мислења и контакти и да пријават учество во натпреварите кои следуваат во меѓународни рамки. Големиот интерес и посетеноста на овој натпревар покажаа дека гастрономските вештини се интересни и атрактивни. Овој настан придонесе во подобрување на стандардите на професијата и презентација на македонската гастрономија на светската мапа на гастрономски нации.

Последен пат изменето на Среда, 26 Октомври 2016 10:35
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…