Договорот за соработка го потпишаа ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, и претседателот на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Игор Тантуровски.
Претседателот на ДКСК, Игор Тантуровски, изјави дека се надева на плодна соработка со УГД:
- Се надеваме дека соработката со Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе даде еден голем придонес и за ДКСК и за Универзитетот. Нашата соработка ќе биде многу плодна и од аспект на тоа студентите од УГД да се стекнат со практични искуства во нашата институција, но и нашата институција да им помогне со искуства, да придонесе да се зголемат знаењата и да се стигне до едно повисоко ниво во врска со спречување на корупцијата. Ова е нов чекор кој го презема ДКСК. Ние веќе имавме неколку проекти каде што почнавме со основните и со средните училишта, а ова е прв чекор и прв Меморандум за соработка со високото образование кој го склучуваме со Универзитетот „Гоце Делчев“.
Соработката ќе биде корисна за студентите и за Универзитетот, а во најголем дел ќе биде со Правниот факултет, истакна ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев:
- Во насока на нашето поголемо отворање кон институциите на системот е и потпишувањето на овој Меморандум за соработка со Државната комисија за спречување на корупција. Ова е тој акт со кој нашите студенти треба да можат да соработуваат и да одат на пракса во органите на државната управа или, пак, во оние независни тела во државата. Сега тоа ќе го можат и со Државната комисија за спречување на корупцијата. Ние како Универзитет сме отворени за сите иницијативи во поглед на тоа да бидеме јавни, транспарентни, и да покажеме што работиме и како работиме, во согласност со законите според кои работиме. Во таа насока, ова ќе биде интензивна соработка, најмногу со Правниот факултет и неговите студенти, да можат да одат таму на пракса, да стекнат искуства и да видат како се работи во оваа Комисија.