Деканот на инженерскиот институт во Париз, Пјер Блажевиќ, истакна дека денеска на своите колеги од штипскиот универзитет им го пренесува искуството што го имаат со стопанството во Франција. Смета дека универзитетите во Франција имаат добра пракса, а студентите кога ќе дипломираат веќе се подготвени за пазарот на трудот. Тој забележа дека во Франција имаат многу ниска стапка на невработени дипломирани студенти од техничките факултети, бидејќи имаат воспоставено добра соработка со компаниите.
На прашањето што македонските универзитети треба да променат во своите програми, Блажевиќ одговори дека образовните институции треба да создадат подобар линк со стопанството.
- Многу добро би било да се подобри соработката меѓу компаниите и образовните институции, со цел да се развијат поиздржиливи, поприменливи студиски програми, кои ќе бидат наменети за професионалците, стопанството, отколку за наставничкиот кадар - вели Блажевиќ.
Клаудија Хазис, координатор на проектот „Развивање на соработка помеѓу високообразовните институции, приватниот сектор и релевантните органи“, вели дека проектот го реализираат заедно со тимови од Северна Ирска и од Франција.
- Работлницата е насочена кон спроведување на процес на самоевалуација, со цел зголемена релевантост на студиските програми во поглед на барањето на пазарот на труд, особено од инженерскиот сектор. Универзитетскиот професор по роботика Блажевиќ е овде за да ги пренесе добрите пракси, бидејќи универзитетите во Франција своите студенти добро ги подготвуваат за пазарот на труд - вели Хазис.
Европскиот твиниг проект започна во август минатата година, а сите активности треба да завршат за 14 месеци.
Штип, 10 април 2017 (МИА)