Правeн факултет го одбележа Денот на Европа

Правeн факултет при УГД го одбележа 9 мај - Денот на Европа. На ова одбележување беа промовирани книги, се одржа предавање пред студентите на Правен факултет, како и изложба на студентите на Ликовна академија на тема „Човекови права, говор на омраза и антидискриминација“.

Настанот што го организираме по повод Денот на Европа е еден од настаните што ги организираме заедно со ОБСЕ, активности поврзани со антидискриминација, говор на омраза и криминал од омраза, со цел за да се подигне знаењето кај студентите во оваа насока. Го одбравме токму Денот на Европа затоа што ОБСЕ и Европската Унија се поклопуваат во вредностите кои ги промовираат. Денеска промовираме книги во издание на Правниот факултет, Годишниот зборник, студентското списание, Извештајот на ОБСЕ – изјави проф. Ана Никодиновска од Правен факултет.

Јас денеска ќе ги промовирам двете изданија на Правниот факултет – првото е “Balkan social rewiew”, меѓународно научно списание кое е основано од страна на Правен факултет пред пет години и излегува два пати годишно, во кое професори, научни работници и истражувачи може да објавуваат свои научни трудови. Второто издание е Зборник на трудови од Третата научна конференција во организација на Правен факултет што се одржа во септември минатата година. Имавме околу 80 учесници од Македонија, Србија, Хрватска, Русија, кои објавуваа свои трудови. Оваа година конференцијата повторно ќе се организира, а темата ќе биде „Општествени промени во глобалниот свет“ – изјави проф. Марија Амповска.

На одбележувањето говореше и пензионираната професорка по социологија Марија Ташевска, која се задржа на говорот на омраза.

Говорот на омраза, веројатно, секогаш ќе биде присутен. Меѓутоа, во некои периоди помалку, а во некои е поинтензивен, а јас се плашам дека сега живееме во време кога говорот на омраза е посебно нагласен. Јас денеска ќе се осврнам на етничките феномени во македонското општество. Резултатите од повеќе истражувања од 1995 до 2015 година, за среќа, откриваат мало поместување во однос на приближување на етничките групи едни кон други. Намалување на предрасудите, зголемена свест дека треба да се учи јазикот на другиот, покрај сопствениот јазик, намалено влијание на религиозноста врз меѓуетничката комуникација, намалена желба да се споделува просторот само со припадниците на сопствената заедница, намалување на дистанцата во примарно типските односи, што повторно се забележува интерес за дружење со другите заедници. Јас би констатирала дека покрај сите турбуленции што ги преживуваме, на повидок е подобрување на меѓуетничката клима во нашето општество.

Во одбележувањето се вклучи и Ликовната академија при УГД, чии студенти имаа изложба на постери од областа на човекови права, антидискриминација и говор на омраза.

Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…