УГД и Амбасадата на Италија ќе ја зголемуваат меѓусебната соработка

Амбасадорот на Италија во Република Македонија, Карло Ромео, денес беше во посета на УГД и истакна дека соработката меѓу Амбасадата на Италија и УГД ќе се зголемува, а тоа ќе резултира со повеќе студиски програми кои ќе вклучуваат изучување на италијанскиот јазик.

  • Ова е моја прва посета во Штип и се радувам што мојата прва официјална посета е токму на Универзитетот „Гоце Делчев“. Му благодарам на ректорот господин Блажо Боев за расположението за промоција на италијанскиот јазик и култура. Италијанскиот јазик веќе се изучува на Филолошкиот факултет. Сега во моментот можеби се соочуваме со пречки, но Амбасадата е расположена да помогне во дијалог со централните институции да се овозможи повторно запишување на студенти на италијански јазик - изјави амбасадорот Карло Ромео.

Ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, исто така посочи дека постои интерес за зголемување на соработката меѓу овие две институции и меѓу високообразовните установи во Италија.

  • Ние со Италија имаме добра и искрена соработка во поглед на развојот на образованието и културата. Со амбасадорот разговаравме да ја подобриме оваа соработка со цел да го зголемиме изучувањето на италијански јазик во нашите курикулуми и разговаравме за можноста да имаме постојан професор по италијански јазик на УГД. Од друга страна, разговаравме за можноста за заеднички дипломи со италијански универзитети. Од него добивме искрено ветување дека ќе ни помогне во многу активности во насока на подобро студирање на УГД и да се приближиме кон развиените европски држави - изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.

Претходно амбасадорот на Италија беше во посета на Филолошкиот факултет, каде што присуствуваше на предавања на професори од Италија кои денес беа одржани пред студентите на овој факултет.

  • Амбасадата е согласна да нѐ поддржи како и до сега. Освен со книжевен фонд, нѐ поддржуваат и со посета на професори. Се најавуваат нови проекти и поддршка од страна на Амбасадата и поддршка преку испраќање на лектор - изјави деканката на Филолошкиот факултет, проф. д-р Драгана Кузмановска.

Инаку, првото предавање насловено „Просторот во италијанскиот неореализам“ го одржа докторанд м-р Ана Стефановска од Универзитетот во Падова, а второто предавање го одржа проф. Алфонсо Амендола од Универзитетот во Салерно кој зборуваше на тема италијанскиот театар и кинематографија. 

 

Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…