На натпреварот, кој се одржа во Конгресниот центар и Центар за доживотно учење на планината Плачковица, учествуваа шеесетина студенти на Факултетот за туризам и бизнис логистика од наставните центри во Штип, Скопје и Гевгелија. Во кујнскиот и ресторански дел на Центарот во Плачковица, студентите поделени во девет тима по четворица студенти подготвуваа храна по претходно изготвено мени. Потоа храната ја сервираа и ја ставаа на увид пред комисија од професори и искусни угостителски работници, кои ја оценуваа секоја фаза – од приготвувањето до сервирањето и услужувањето на гостите. Беа доделени и повеќе награди – за поставување на масите за послужување, за квалитетот и оригиналноста на зготвените јадења, како и за интернационални и национални јадења. Исто така, шест натпреварувачи учествуваа во натпреварот за подготовка на торти и благи јадења.
Во конференциската сала се одржа натпревар за иновативни идеи и развој на рурални туристички дестинации, каде што се натпреваруваа четири тима составени од тројца студенти.
Се очекува во иднина програмата на овој натпревар да се збогати со учество и на други образовни институции од областа на туризмот во Република Македонија и во странство, со што натпреварот ќе го надмине интерното ниво на УГД.
Вториот студентски натпревар за гастрономија, ресторанско работење и туристички дестинации на ФТБЛ се одржа во Конгресниот центар и Центар за доживотно учење и подобрување на вештините на УГД, лоциран на планината Плачковица, кој беше реновиран и опремен преку заеднички проект на УГД и Американскиот универзитет во Бугарија преку IPA инструмент за прекугранична соработка Мк-Бг III повик.