Денеска имавме посебна чест да се сретнеме со претставници на Универзитетот во Малме и УГД со нив ќе воспостави соработка во рамките на Факултетот за медицински науки и она што значи дел на сестринството и делот на извршување на медицинските пракси во Македонија и во Шведска. Мислам дека ќе биде добра можност за развој на нашите капацитети. Ќе оствариме соработка и во поглед на размена на студенти, професори и заеднички истражувачки проекти во иднина, мислам дека ќе биде добра пракса во иднина да се поврземе со земјите од Скандинавија во развојот на нашата образовна политика – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.
Гостите од Шведска го запознаа ректорот Боев со Универзитетот во Малме и изразија надеж дека соработката меѓу двата универзитета ќе биде успешна и плодна, пред сѐ во размената и образовните и истражувачките проекти.
Универзитетот „Гоце Делчев“ беше посетен и од претставници на Институтот „Biosenеs“ во Универзитетот во Нови Сад и Музејот во Штип, при што беше потпишан Договор за соработка на проектот “BIRTH: Births, mothers and babies. Prehistoric fertilityin the Balkans between 10000-5500 cal BC”.
Нашата соработка се однесува на проект кој е археолошки и се занимава со проучување на неолитскиот период, поточно зошто и кога во неолитот доаѓа до зголемување на населениото, како се менува животот, посебно животот на жените, дали се зголемува бројот на бремености и дали тоа влијае на растот на населението за кој знаеме дека се случил во неолитот – изјави Весна Димитријевиќ, професор на Одделението за археологија на Филозофскиот факултет во Белград и истражувач на Институтот „Biosenеs“ во Нови Сад.
За ректорот Боев оваа соработка со универзитетите во Белград и во Нови Сад ќе значи подигнување на студиската програма Археологија на Факултетот за образовни науки.