Интересот на првиот ден од првиот уписен рок е во рамките на очекувањата на она што беше забележано во изминатите години, некаде до 15 часот се пријавија близу 700 кандидати. Според изјавата на проректорот за настава на УГД, проф. д-р Кирил Барбареев, УГД е подготвен за сите заинтересирани кандидати:
- Единаесетта година по ред Универзитетот се обидува на еден интегриран и уникатен начин на едно место, заедно сите факултети и сите студиски програми согласно со Конкурсот во Штип и наставните центри на Универзитетот, да ги организира пристојно своите уписи. Согласно со Конкурсот на Универзитетот, планирани се 5.200 слободни места, околу 3.000 во редовната квота, околу 1.200 во квотата за кофинансирање и 900 во квотата за вонредни студенти. Според она што може да се забележи во првиот ден на уписите, интерес има за сите факултети, посебно за Факултетот за медицински науки, Факултетот за туризам и бизнис логистика, но и на сите други факултети каде што кандидатите одредиле и би сакале да се запишат. Она што во овој момент сакаме да го потенцираме и да им го соопштиме на средношколците кои во моментот полагаат државна матура, а имаа такво барање, е дека УГД ќе излезе во пресрет на нивните барања и ќе продолжи да ги прима нивите документи по завршување на рокот со цел да можат да конкурираат на факултетите што ги избрале.
Приемот на документи се врши од 8 до 16 часот во фоајето на Домот на културата во Штип, како и во Наставните центри на УГД во Скопје, Струмица, Кавадарци, Прилеп, Кочани и во Радовиш. Вториот уписен рок на УГД ќе се реализира на 24 и 25 август, а третиот на 4 и 5 септември.