- Според првичните информации, повеќе од две илјади средношколци ги немаат земено своите документи во некои општини, во некои средни училишта, така што Универзитетот ќе биде отворен и во следните денови за прием на документи и можат да контактираат со сите комисии на факултетите. Универзитетот ќе има своја комисија постојано овде во стариот Ректорат, како и во наставните центри. Уписите продолжуваат и утре, во четврток и во петок. Сега засега борбата за влегување во државна квота е најголема на Факултетот за медицински науки и тука конкуренцијата е некако најсилна. Досега имаме повеќе од 700 кандидати, очекуваме првиот уписен рок да го завршиме со околу 1.500 кандидати, а до крајот на уписите, со вториот и третиот уписен рок да стигнеме некаде до 2.300-2.500 нови студенти. Има интерес и од странски студенти, но кај нив постапката е поинаква, прво документите ги поднесуваат во Министерството за образование и наука. Во контакт сме со кандидати од Турција, Србија, Бугарија, а има и кандидати со македонско државјанство кои средно образование завршиле во Словенија и се заинтересирани за УГД – изјави проректорот за настава на УГД, проф. д-р Кирил Барбареев.
Слободни места има на сите факултети, само на Факултетот за медицински науки е помината бројката на пријавени за државната квота, веројатно заради специфичноста и атрактивноста на професијата. Кандидатите кои ќе задоцнат со своите документи немаат потреба за грижа, бидејќи документите ќе им бидат примени.