УГД и Универзитетот за транспорт во Софија ќе разменуваат студенти и наставнички кадар

Размена на студенти и на наставнички кадар е стартната основа на соработката која со потпишување на Договор ја воспоставија Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Универзитетот за транспорт „Тодор Каблешков“ во Софија, Р.Бугарија.

- Нашите долгорочни врски што постојат со Република Бугарија во делот на образованието и културата се врски од потраен карактер и ние како Универзитет поодамна ги негуваме овие врски, секако низ постарите факултети, како што е Рударско-геолошкиот кој има долги традиции на соработка со факултети и универзитети во Бугарија. И оваа соработка со Универзитетот за транспорт во Софија е за нас исклучително важна во делот на соработката со Република Бугарија и мислам дека начинот на реализација на оваа соработка во делот на студентите и наставничкиот кадар ќе биде многу интересна во поглед на идниот развој на овие соработки помеѓу двете држави. Мислам дека е вистински момент, вистинско време овие соработки да добијат свој интензитет и динамика и мислам дека двата универзитета нема да штедат свои ресурси и знаења да го разменат овие свои искуства и во интерес на студентите соработката со овој универзитет да биде пообемна – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.

Ректорот на Универзитетот за транспорт во Софија, проф. д-р Даниела Тодорова, изјави дека за нив ова е празничен ден, бидејќи потпишуваат Договор за соработка со еден перспективен, многу голем универзитет.

- Нашата соработка започнува многу успешно, со ректорот на УГД, со потпишување на Договорот, кој дава можност за размена како на студенти, така и на предавачи, да учествуваме заедно во проекти, да ја развиваме научната и наставната дејност и да си помагаме во секое поле. Мислам дека на многу наши студенти ќе им биде интересно да ја посетат Македонија и Универзитетот „Гоце Делчев“, исто како што и на студентите од УГД ќе им биде интересно да се запознаат со научната и образовната дејност на Универзитетот за транспорт. Нашиот универзитет соработува најмногу со бизнисот – транспортните фирми се обраќаат кај нас за кадри, за размена на предавачи, за решавање на различни проблеми и за истражување. Во таа насока, од македонските колеги би можеле да имаме исклучителна полза, како и тие, бидејќи ние правиме различни проекти во различни сфери на науката и може да се обраќаме кон нашите колеги од Македонија и за помош и за соработка во различни проекти. УГД има 15 факултети и со секој од нив има простор за соработка со нашиот Универзитет за транспорт, бидејќи во сите различни истражувања има простор во кој професорите од сите факултети на УГД можат да дадат компетентно мислење и придонес – изјави проф. д-р Тодорова.

 

Последен пат изменето на Понеделник, 11 Септември 2017 15:29
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…