Најмалку еднаш во неделaта вработените на УГД, но и професори кои гостуваат на УГД, како и американски професори во проектот што се реализира преку Министерството за здравство, ќе имаат практична обука со студентите на медицина. На таков начин студентите ќе стекнуваат искуства, но и ќе бидат мотивирани да се вклучат во научноистражувачките проекти во лабораториите на ФМН и да создадат конекции и линкови кои ќе им овозможат да се усовршуваат, но и да се вработуваат. Ова им го најави на студентите деканот на Факултетот за медицински науки, проф. д-р Рубин Гулабоски, на семинарот што се одржа на тема „Волтаметрија – едноставна алатка за примена во фармацијата, медицината и хемијата“.
- Освен овој семинар, на крајот од октомври ќе имаме уште еден семинар од областа на невронауките. Потоа има Симпозиум за алтернативната традиционална кинеска медицина, во декември, со учество на професори од странство, а и студентите ќе можат да земат учество, па следува Интернационален конгрес за наноматеријали. На таков начин, вие студентите ќе имате можност да видите што е ново, кои се тековите, што треба да следите, каде можете да аплицирате – изјави проф. д-р Рубин Гулабоски.