Имено, овој настан е реализација на добиеното прво место на натпревар студија на случај, каде што студенти од Факултетот за туризам и бизнис логистика се натпреваруваа и победија, а истиот беше во организација на Општина Гази Баба на чијашто територија всушност и се наоѓа наставниот центар. Целната група на овој настан беа учениците од средните туристичко-угостителски училишта во Република Македонија, како и студенти и професионалци од оваа област.
Овој настан беше организиран во соработка со Студентскиот парламент на УГД, како и со поддршката од Општина Гази Баба и Министерство за економија на Република Македонија.
Настанот се состоеше од два дела. Првиот дел го сочинуваа предавања од областа на гастрономијата и угостителството од страна на стручни лица кои професионално се занимаваат со угостителство. Предавачи на овој настан беа асистент-докторанд м-р Душица Санева која зборуваше за конзервирање на храна и пијалаци; Марија Иванова и Тамара Костовска од пицерија „Коно“ кои ги претставија новите методи и иновации во угостителството, преку своите иновативни пица продукти; Маја Стојановска која зборуваше за начини и совети за декорација на торти и нивна примена во модерното слаткарство - интегрираност на кулинарството како уметност со фините уметности; Моника Ѓорѓевиќ од ресторан „Шалом“ која зборуваше за молекуларна гастрономија и приготви кавијар од „струмка“ и „кока кола“ и Никола Мишковски и Марк де Јонг кои зборуваа за комбинирање на храна и пијалаци.
Во текот на предавањата беа отворени интересни дискусии и преку прашања се споделуваа многу подетални информации околу темите, како и предлози и идеи поврзани со истите за во иднина.