Втора Меѓународна конференција и работилница за студенти  на туризам и угостителство

Како и во претходната година, така и годинава студентите од Факултетот за туризам и бизнис логистика во соработка со Студентскиот парламент при УГД ја организираа втората по ред Меѓународна конференција и работилница за студенти на туризам и бизнис логистика.

Станува збор за меѓународен проект во кој учествуваат студенти кои студираат туризам и угостителство од Македонија, балканскиот регион, па и пошироко. Студентите имаа поддршка за овој настан од Министерство за економија и од Општина Гази Баба, како и преку 30 приватни компании кои имаа свој удел со спонзорства.

Овој настан се одржа во периодот од 20 до 22 октомври во Скопје. На истиот, покрај студентите од Македонија, во трите дена беа угостени и студенти од Шибеник, Нови Сад и од Белград. Настанот беше отворен во хотел „Континентал“, каде што се прикажа и дел од македонскиот фолклор. Се продолжи со коктел забава за на крајот од петочната вечер да се реализира и предвидениот социјален дел, т.е. ноќниот живот во Скопје. Во саботата во хотел „Континентал“ се одржа едукативниот дел на кој свое предавање имаа врвни професори и практичари од областа на туризмот и угостителството од Македонија и од странство. Поточно, како предавачи оваа година се јавија проф. д-р Дејан Методијески од Факултетот за туризам и бизнис логистика, г. Оливер Стојчевиќ од хотел „Александар палас“, г. Љупчо Јаневски од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија, г. Тијаго Фереира од Здружението „Serbia4youth“, како и проф. д-р Џејмс Кенел од Универзитетот „Гринвич“ во Лондон. Темата на овогодишната конференција беше „Брендирање на мали туристички дестинации и гастрономски настани“, па така предавачите во своите излагања ги претставија начините на брендирање и организирање на гастрономските настани во Македонија, угостителските објекти итн. Од друга страна, се зборуваше и за големите настани во мали места. Дополнително, се стави акцент и на брендирањето на микротуристичките дестинации и промоцијата користејќи социјални медиуми.  Присутните преку прашања имаа можност да отворат дискусија и да се дојде до многу повеќе информации.

Вториот дел од настанот беше работилницата реализирана во наставниот центар на УГД во Скопје, односно во кујната на Факултетот за туризам и бизнис логистика. Студентите домаќини и учесници имаа можност да приготвуваат традиционални македонски јадења, но истите да ги сервираат на модерен начин. По работилницата сите јадења беа изложени и сите гости имаа можност да ги вкусат резултатите од работилницата.

И во саботата социјалниот дел и ноќниот живот не изостанаа. Во неделата наутро се одржа и последното предавање од едукативниот дел. Имено, сите учесници присуствуваа на предавањето во пивница „Стар град“, каде што г. Пане Темов зборуваше за пивницата и нејзиното брендирање и позиционирање на пазарот како микродестинација која е од единствен тип во Македонија, а воедно и за гастрономските настани на кои тие учествуваат. Учесниците имаа можност да дегустираат најразлични видови на пиво што тие ги произведуваат.

Овој настан има тенденција да стане традиционален, а сите студенти се високомотивирани за негова идна успешна реализација.

Последен пат изменето на Четврток, 09 Ноември 2017 14:13
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…