- Изложбата е во соработка со Филолошкиот факултет и е резултат на еден проект кој го реализираме со Министерството за култура на РМ, проект со цел афирмација, детектирање и ревалоризација на стари книги и збирки кои се чуваат во нашата установа. Денес овде се изложени факсимили од 25 книги, меѓу има еден ракопис што потекнува од 18 век, останатите се од 19 век. Меѓу нив, на пример, се наоѓа и „Бели мугри“, печатена во „Штампарница Илинден“ во Штип во 1945 г., потоа преводот од француски на „Богородичната црква во Париз“ од 1831 г., но најстара книга која е старопечатена а денеска е изложена овде е книгата со наслов „Устанак на Дахије“ од 1804 година – изјави директорката на НУУБ „Гоце Делчев“, Милена Ристова-Михајловска.
- Филолошкиот факултет повторно има соработка со Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ во Штип и ние како почитувачи на пишаниот збор се поклонуваме на овој настан, бидејќи е од голема важност за културното наследство на македонскиот народ. Еве денес по повод патронот на Штип го чествуваме на еден достоен начин – изјави деканката на Филолошкиот факултет, доц. д-р Драгана Кузмановска.
Задоволство од ваквата соработка изрази и проф. д-р Виолета Димова, раководител на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет.
- Сакам да го изразам не само задоволството, туку и чувството на одговорност што го имаме ние како факултет и како катедра да го чуваме нашето национално богатство, ова е богатство не е само на штипската библиотека, туку и едно национално богатство. Исто така, сакам како професор по книжевност да го изразам задоволството што можам да го поздравам и одбележувањето на 94 години од раѓањето на големиот поет и писател Ацо Шопов и ред други настани што нѐ чекаат овде и со кои се гордееме. Сакам да го изразам задоволството што веќе стана традиција ние како Филолошки факултет да соработуваме со Националната библиотека, што е сосема природно и нормално. Ние сме две сродни институции и се надевам дека и во иднина нашата соработка ќе станува сѐ поплодна и поплодна.