Промоцијата на книгата беше збогатена и со дебата, чиј модератор беше проф. д-р Кирил Барбареев, проректор за настава на УГД.
- Посебно ми е драго што сум модератор на еден стручен труд, кој обработува вечни теми, како што е љубовта, претставена на еден многу популарен начин, а професорот Чепреганов и коавторот Костовска се обидуваат да го направат на начин достапен за целокупната читателска но и стручна популација, теми кои се од интерес за секој читател, за студентите, учениците, но и за граѓаните. Станува збор за тоа колку човек може да апсорбира знаење, колку може да сподели љубов, што бараме во овој свет, бараме ли воопшто нешто, така што мислам дека оваа дебата го задоволи сите присутни – изјави проф. д-р Кирил Барбареев.
- Многу ни е драго што оваа 2018 година ја почнуваме на ваков начин, со една трибина и промоција на книгата „Од агресија до љубов“ на авторите Теодора Костовска и Методи Чепреганов. Денес сме почестени што нашата установа се збогати со уште две монографски публикации од проф. д-р Чепреганов, што секако ќе ѝ користат на нашата читателска публика, како и на студентите на УГД – изјави Милена Ристова-Михајловска, директорка на НУ Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“.
Задоволство од можноста да се промовира книгата и да се дебатира пред штипјани изрази и проф. д-р Методи Чепреганов.
- Каменот си тежи на местото. Мило ми е што мои трудови им се на располагање на штипјани, а еве најавувам дека и следниот мој труд ќе биде достапен исто овде. „Од агресија до љубов“ е дел од една трилогија која ја правевме заедно со Теодора. Љубовта е двигател на позитивната енергија на секој поединец на мајката Земја. Се обидовме тоа да го пренесеме на еден разбирлив начин, за да сите партиципанти на мајката планета Земја сфатат како треба да живеат, како да се почитуваат, да бидат флексибилни, затоа што љубовта и, за жал, агресијата се секојдневно присутни околу нас.