Нихилизмот е еден од стожерните поими на западната филозофија и мисла. Како таков, истиот е невралгично многузначен. И тука веднаш се поставува прашањето: дали поимот на нихилизмот е прееминентно филозофски, па дури најпосле - дали воопшто е филозофски?
- Она што ме фасцинира околу нихилизмот е што тој е, така да кажам, неизречиво амбивалентен, сеопфатен, и она што е најважно, актуелен. Од една страна, кога се рече нихилизам веднаш првото нешто што им текнува на луѓето е негативно во вредносна смисла на зборот, се помислува на Ниче, на волја за моќ, на деструкција, на рушење на општеството и така натаму, но тука се поставуваат прашањата зошто, од каде тој порив кај човекот и дали тој порив не е поврзан со нему спротивниот порив, поривот на создавање, на самоафирмација, и сите тие прашања во основа се длабоко психолошки, длабоко лични и го наоѓаат својот израз во општеството, во согледувањето на стварноста уште од најстарите времиња до денес. Во современа смисла, нихилизмот можете да го најдете насекаде – почнете од биологијата, физиката, од емпириското, што е перцептибилно, подложно на мерење, на набљудување и на инструмент. Кога говориме за политиката и општеството, тука веќе проблемот се пренесува на едно друго рамниште, зашто тука немаме емпирија, туку спекулација, една волја за моќ во нејзината најперверзна форма. На светско ниво, во распределбата на богатството, во негирањето на човековиот живот, на неговата вредност, достоинство, во име токму на тие вредности и достоинство кои се узурпирани од естаблишментот и им се наметнати на поединците – изјави м-р Филип Клетников.