Конференцијата со наслов „На вратата на Европската Унија: Улогата на науката и истражувањето во одржливиот развој на Балканскиот регион“ има за цел за да ја промовира научната извонредност, меѓународната академска соработка, како и да дебатира на темата на конференцијата која е од особено значење за нашата земја.
Фондацијата „Александар фон Хумболт“ (https://www.humboldt-foundation.de/web/home.html) е една од најпрестижните фондации во светот за поддршка на научната академска елита на глобално ниво, во чие семејство учествуваат повеќе од 27.000 врвни научници од сите дисциплини, вклучувајќи повеќе добитници на Нобелова награда и, за среќа, неколку научници од нашата земја, меѓу кои проф. Валентин Мирчески, проф. Рубин Гулабоски, проф. Владимир Ивановски и проф. Златко Левков.
Отворањето на оваа научна манифестација ќе биде на 19 април во 18.30 часот во МАНУ, во присуство на министерката за образование и наука на Република Македонија – проф. д-р Рената Дескоска, претседателот на МАНУ – проф. д-р Таки Фити, ректорот на УГД – проф. д-р Блажо Боев, ректорот на УКИМ – проф. д-р Никола Јанкуловски и амбасадорот на Р. Германија – г. Томас Герберих. Притоа, проф. д-р Валентин Мирчески, основач и претседател на Хумболт и ДААД клубот – Македонија ќе одржи предавање во врска со фондацијата „Александар фон Хумболт“, личните искуства од научната работа поддржана од оваа фондација и можностите за поддршка на младите научници од нашата земја.
На овогодишниот Хумболт конгрес вниманието ќе биде посветено на можностите за вмрежување и соработка што ги нуди оваа фондација, како и на предизвиците што претстојат во науката во наредниот период.