Ова е, всушност, дел од проектот „Универзитет без корупција“, за кој сите универзитети во Р. Македонија, меѓу нив и УГД, потпишаа Декларација за високо образование без корупција. Проф. д-р Мишо Докмановиќ од УКИМ, инаку проектен менаџер на овој проект, истакна дека овој закон претставува еден нов инструмент за пријавување корупција во Р.Македонија:
- Ние сакаме да ја обучиме универзитетската администрација и студентите како ќе се применува овој нов закон на универзитетите. Денеска ќе ги запознаеме универзитетските служби со процедурите и постапките, со цел да ги зајакнеме нивните капацитети доколку биде отворен некој случај на корупција, како да постапат, а и студентите ќе бидат подобро информирани за нивните права. Ова е серија од тренинзи кои ќе бидат организирани на сите јавни универзитети. Нашата идеја за проектот е врз основа на едно истражување од пред две години и во таа насока заклучоците кои ги добивме од истражувањето ни укажаа дека мора да работиме и со вработените на универзитетите и со студентите. Заштитата на укажувачите е еден концепт кој во Македонија е промовиран пред две години, но луѓето уште не се навикнати на тоа како треба да се применува. Станува збор за еден нов институт кој овозможува и заштитено внатрешно пријавување и во таа насока се очекува универзитетите да имаат овластено лице кое ќе ги прима и ќе обезбеди анонимност на пријавувачот. Во текот на септември ќе реализираме една кампања со која студентите ќе бидат информирани кои се нивните права според Законот за заштита на укажувачите.
Интересно е дека досега нема ниту еден пријавен случај на корупција во високото образование, а во досегашните истражувања, перцепцијата на студените за корупција се однесува на инсистирањето да купат книги од одреден професор, што се сфаќа како одреден вид на корупција.