Добитник на „Инженерски прстен“ оваа година е и студентот Павел Илоски од Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Тој дипломирал во декември 2017 година со просек 9,03 на Катедрата за површинска експлоатација на студиската програма Рударство. Дипломскиот труд му е на тема „Верификација на камионскиот транспорт на јагленот од ПК Брод – Гнеотионо до претоварно место на ГТС Брод – Гнеотино – РЕК Битола“, под менторство на деканот на ФПТН, проф. д-р Зоран Десподов.
Доделувањето на наградите „Инженерски прстен“ годинава се одвиваше во Вилата „Билјана“ во Охрид, а во обраќањето пред присутните, претседателот Иванов рече:
- Мора да направиме сѐ младите научници и инженери да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите. Тие се столбот на развојот на секое стопанство, бидејќи економскиот раст на државите се темели токму на развојот на високите технологии.
Според деканот на ФПТН, проф. д-р Зоран Десподов, доделувањето на наградата на студентот на ФПТН Павел Илоски претставува големо признание и сатисфакција:
- Оваа награда за нашиот Факултет е поттик за остварување на уште подобри резултати во иднина и произведување поквалитетни инженери. Би сакал сите добитници на признанието, како и сите останати инженери во државата, да ги развиваат инженерските науки, инженерската пракса и технологија со што ќе придонесат за побрз развој на нашата држава.
За Павел Илоски, дипломиран студент на ФПТН и добитник на наградата „Инженерски прстен“ , очекувањата се стекнатото знаење на УГД да го применува во пракса, како и да се стекне со повисок степен на образование:
- Со наградата „Инженерски прстен“ очекувам и придобивки во мојата работна кариера. На помладите би им порачал да се борат за подобар успех во студирањето, а пред сѐ да се стекнат со големо знаење од областа што ја избрале.
Традиционалната манифестација „Инженерски прстен“, која е во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, а под покровителство на Претседателот на Р.Македонија, претставува поттик за изучување на инженерството и придонес за формирање на квалитетен инженерски подмладок, компатибилен со развиените земји. Во изминатите 15 години ова признание го добија најдобрите 150 дипломирани студенти кои ги негуваат инженерските дисциплини.