УГД се јавува како стратешки партнер кој ќе има активно учество како во формирањето и развојот на Центарот, така и во учество во проекти кои ќе се реализираат во иднина. Универзитетот „Гоце Делчев“ се залага и придонесува за развојот на стопанството во Република Македонија, го поддржува Законот за иновациска дејност, и во таа насока ја поддржува идејата за формирање и развој на регионален Бизнис иновациски центар во Струмица. УГД во натамошниот период ќе се вклучи во научноистражувачки и апликативни проекти и соработка.
По повод промоцијата на Бизнис иновацискиот центар во Струмица ќе се одржат серија настани. Во петок (5.10.2018) во хотелот „Сириус“ во Струмица ќе биде промовиран Бизнис иновацискиот центар, а на настанот ќе се обрати и претставник на Универзитетот „Гоце Делчев“. Свои обраќања и презентации ќе имаат и претставници на Општина Струмица, Сојузот на стопански комори на Македонија, Владата на РМ, Фондот за иновации и технолошки развој на РМ, како и претставниците на Фондот на Европската академија за развој на регионите Луиџи Дел Акуила и Хуан Мануел Перез.
Претставниците на Европската академија за развој на регионите претходно ќе го посетат Наставниот центар на УГД во Струмица, а во Кампус 2 на УГД во Штип ќе имаат средби со деканите на Земјоделскиот факултет и Факултетот за природни и технички науки, проф.д-р Љупчо Михајлов и проф.д-р Зоран Десподов.