- Ова е церемонија за добредојде на сите студенти. Во изминатиот период работевме на проширување на нашата соработка со универзитети од Европа и ова резултираше со бројка од 40 студенти кои избраа да студираат еден семестар на УГД. Ние бевме насочени и кон мотивирање на нашите студенти да заминат на Еразмус, но овој процес е двонасочен и еве имаме и многу студенти кои ќе поминат на студии и пракса на нашиот Универзитет. Се надевам дека ќе имаат добро искуство во Македонија и во Штип - изјави Сања Стефанова од Центарот за меѓууниверзитетска соработка на УГД.
Најголем дел од студентите доаѓаат од Шпанија, но има студенти и од Португалија, Италија, Полска, Словачка, Германија, Франција, Хрватска итн.
Студентка од Франција вели дека ова бил нејзиниот прв избор.
- Од мојот универзитет ми понудија четири можности и јас го избрав овој Универзитет. Мислам дека имаат добра програма, а земјата е многу интересна да се посети. Во текот на наредните неколку месеци имам во план да посетам повеќе места во Македонија, но и да ги искористам можностите што ми ги нуди овој Универзитет - изјави Каролин Стефан, студентка од Франција.
За некои студенти пресудни биле програмите што ги нуди Универзитетот. Студент од Шпанија смета дека УГД има добра програма на англиски јазик и дека тоа било пресудно за неговиот избор.
- Го избрав ова место затоа што има одлични места за планинарење, јас многу сакам планинарење. Исто така, сметам дека програмата по англиски јазик што ја нуди Универзитетот е многу добра. Јас сакам да станам професор по англиски јазик и овој Универзитет ми го нуди тоа. Очекувам да научам многу - вели Хозе Антонио Гомез, студент од Шпанија.
На настанот кадарот на УГД претстави дел од можностите што им се нудат на студентите. Беа претставени лабораториите кои можат да ги користат, предавалните и целосната инфраструктура на Универзитетот.