ФПТН му додели Признание за посебен придонес на академик Блажо Боев

Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на десеттата седница на Наставно-научниот совет му додели Признание на ректорот на УГД, академик проф. д-р Блажо Боев. Признанието за посебен придонес и афирмација на ФПТН е по повод неговиот избор за дописен член на МАНУ.

 - На овој факултет сум од 1980 година, добри 37-38 години, од почетокот на факултетот и неговиот развој. Бев продекан, а потоа и декан во неколку мандати. Мислам дека со својата работа заедно со другите колеги создадовме една установа со која треба да се гордееме и на помладите генерации им оставаме една установа која има европски вредности, која во себе има европско образование. Мислам дека тие треба да ја чуваат максимално и утре, во некое догледно време, и некој друг освен мене да стане член на МАНУ или на некоја друга светска академија. Не треба да застанеме тука, како факултет имаме солиден, исклучителен потенцијал и мислам дека ФПТН е еден од столбовите на овој Универзитет, заедно со некои други единици на УГД. ФПТН е елитна установа во рударството и геологијата во Македонија, и не само во Македонија, туку и пошироко во овој дел на Југоисточна Европа. Мислам дека тоа што првиот член на МАНУ е од оваа установа, најстарата на овој Универзитет, претставува едно големо признание за нас како професија и за мене како професор на овој факултет, бидејќи овде почнав како професор и овде ќе го завршам својот работен век. Оваа установа продуцира кадри кои се потребни во стопанството, кои носат еден голем дел од економскиот развој на државата. Нашите кадри се клучни во тој бизнис и мислам дека во овие 42 години како факултет дадовме исклучителен придонес во развојот на Македонија и натаму ќе го даваме тој придонес, а сега и во развојот и на науката со моето присуство во МАНУ. Можам да споменам дека ФПТН како елитна установа во делот на образованието прави исклучителни научни подвизи – изјави ректорот на УГД, академик Блажо Боев.

За биографијата и научната дејност на академик Боев говореа деканот на ФПТН, проф. д-р Зоран Десподов, проф. д-р Тодор Серафимовски, а се обратија и други негови колеги, меѓу кои и колегите и соработници проф. д-р Ванчо Чифлиганец и проф. д-р Трајче Стафилов.

Видео

Последен пат изменето на Вторник, 27 Ноември 2018 15:42
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…