Во завршниот дел, во тек на неколку дена, беа одржани повеќе состаноци и завршни средби меѓу претставниците од земјите партнери во проектот: Австрија, Естонија, Исланд, Унгарија, Бугарија и Македонија. Беа сумирани резултатите од проектните активности кои опфаќаат заклучоци и публикации од пет работилници на различни теми од областа на спортот; резултати од студија спроведена на примерок од повеќе од 1000 студенти за мотивите за физичка активност на студентите; над 50 студенти волонтери вклучени во проектните активности; 500 студенти вклучени во експерименталното тестирање на софтверот развиен во тек на проектот; преку 30 проекти на студенти од сите земји за примена на апликацијата во иднина и др.
На работните средби беа презентирани резултатите од експерименталните тестирања на софтверот, беше презентиран курикулум кој го интегрира тестираниот софтвер, беа избрани најдобрите студентски проекти. Предложениот курикулум во иднина ќе биде предложен за имплементација на универзитетите во Европа. Истиот им овозможува на студентите движење и персонализиран напредок согласно со повратните информации од софтверот базирани на индивидуалните можности на секој поединец. На овој начин се елиминира инфериорноста во поглед на моторичките перформански, која покрај недостатокот на време во реализираната студија беше посочена како главна причина за невклучување во различни физички активности. Дополнително, како резултат на проектните активности, развиени се две нови форми на физичка активност: зонска игра која се базира на основните принципи на ориентацијата и групен маратон како форма за индивидуален и тимски натпревар во трчање со различни задачи. Двете активности се базираат на имплементацијата на уредите и мобилната апликација тестирани во проектот и се составен дел на новиот предложен курикулум. Студентите вклучени во експерименталниот дел предложија свои проекти од кои како најдобар беше избран проектот од Австрија „moving puzzle“, второнаграден е проектот од Естонија, додека проектот од Македонија “Fitness break” се најде на трето место.
Во ревијалниот дел од проектните активности беа одржани натпревари меѓу студентите од УГД и Софискиот универзитет. Тие се натпреваруваа индивидуално и групно во running marathon и во баскет 3х3. Во натпреварите од running marathon, во поединечна и во тимска конкуренција, победник беше екипата на УГД. Во натпреварите во баскет 3х3 победата им припадна на домаќините. Студентите од УГД, како и претставниците од земјите партнери во проектот, беа специјални гости на манифестацијата „Спортист на годината“ која по 21. пат ја организира Одделот за спорт на Софискиот универзитет. На натпреварите студентите беа предводени од одговорните наставници по предметот Спорт и рекреација.
Во периодот од 2016 до 2018 година, во кој се реализираше проектот „Te(a)chIn Sport“, Универзитетот „Гоце Делчев“ беше претставуван од проф. д-р Кирил Барбареев и проф. д-р Билјана Попеска кои ги реализираа сите предвидени проектни активности во Македонија.