Станува збор за претстава насловена „Unicorns/magic world“, се состои од два дела, а учествуваат студенти и професори од Kатедрата за современ танц при УГД. Влезот е бесплатен.
Првиот дел од претставата е насловен „trashOUT“ и станува збор за истражување на односот и врските на група луѓе кои немаат јасна конекција, што не води до создавање на компактна целина. Време, звук и движење. Од ништо-нешто. Константни обиди и повторувања за комуникација на тела. Кореографија и режија на Анастасија Данчевска и Дејан Битровски, а настапуваат студенти од прва и втора година на Катедрата за современ танц при УГД: Бобан Русески, Исидора Краљевска, Фросина Шуман, Борис Богдановски и Тања Крстевска.
Вториот дел е насловен „АНИМА“ (драфт на претставата по идеите на Карл Јунг) во кореографија и режија на Рисима Рисимкин и танчерите. Во овој дел настапуваат професионалните танчери на Скопје танцовиот театар: Дејан Битровски, Адријана Данчевска, Матеа Киселичка, Анастасија Данчевска и Тринга Хиса.
- Претставата се базира на идејата на Јунг за душата на мажот - АНИМА, која, според него, е составена од четири архетипови на жена: Ева, Хелена, Марија и Софија. Драфтот на претставата се занимава со конекциите и односите помеѓу четири елементи и петтиот кој ги спојува во едно - изјави Рисима Рисимкин.
Настанот е дел од „Инкубатор - денови на младинска културна сцена“. Тоа се активности на Интерарт културен центар и програма која се одржува од 10 до 20 декември во повеќе градови низ Македонија. Оваа платформа за развој на младинската уметничка сцена се одржува со поддршка на Министерството за култура и Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, како и Амбасадата на Швајцарија во Македонија, преку Инкубатор програмата за култура.
Програмата започна со Инкубатор отворените работилници кои ќе се одржат на 10, 11 и 12 декември на сцената Зебра, со почеток во 18 часот. Работилниците ќе бидат отворени за посетителите, а во нив активно учествуваат млади уметници од повеќе градови во Македонија.
Инкубатор танцовиот карван е планиран низ неколку градови во Македонија: Штип, Прилеп, Валандово и Тетово, на сцените на домовите за култура, но и на неформални простори, со што ќе се придонесе за обезбедување „култура до сите и за сите“. Завршната трибина под наслов „Инкубатор – денови на младинска културна сцена“ ќе се одржи на 20 декември во 18 часот на сцената Зебра.