Градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски, истакна дека ова е значајна соработка за градот Прилеп.
- Градот е особено благодарен на ректорот на УГД и на Универзитетот затоа што на нивно барање и со нивна заложба пред некое време во Прилеп се постави мерна станица за квалитет на воздухот. Ова ми е особено драго, затоа што од овој момент ќе знаеме дали воздухот во Прилеп е загаден и колку е загаден. Прилеп беше еден од градовите што немаат мерна станица за амбиенталниот воздух, а благодарение на оваа соработка сега станицата е поставена - изјави градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски.
Ректорот на УГД истакна дека Универзитетот е константно вклучен во мерењето и контролата на квалитетот на воздухот низ многу градови на државата.
- Прилеп е многу важна општина во перцепциите на Универзитетот и неговиот развој. Овој чекор е своевидно искажување на нашата општествена одговорност кон сите општини во државата кои имаат потреба од знаење и зголемување на стандардот на живеење на граѓаните и поголема информираност на граѓаните. Ние имаме наставен центар во Прилеп и има неколку образовни програми кои се наоѓаат таму. Меморандумот вклучува соработка во науката, истражувањето, образованието, културата и во сферата на она што значи информираност на граѓаните - изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.
Универзитетот во наставниот центар во Прилеп има насоки од Факултетот за природни и технички науки, Земјоделскиот факултет и Технолошко-техничкиот факултет.