УГД веќе подолго време соработува со овој универзитет, а денес и формално се потпиша Меморандум со кој двата универзитета се обврзаа дека ќе работат на заеднички проекти, на размена на студенти и заеднички наставни програми.
- Областите на соработката ќе бидат меѓу студентите и професорите на заеднички проекти кои се врзани за билатералните предизвици и европските проекти. Ќе работиме многу на мобилноста на студентите, како и развој на заеднички програми од различни области - изјави проф. д-р Ненад Филиповиќ, ректор на Универзитетот во Крагуевац.
Ректорот на УГД истакна дека оваа соработка трае десетина години, но дека денес таа се возобновува и формализира со Меморандум кој ќе донесе бенефит како за студентите така и за професорите.
- Ние со овој универзитет имаме соработка повеќе од 10 години, а денес ја обновивме соработката. Сметаме дека се важни овие соработки кои следуваат со интегративните процеси на двете држави кон Европа. Сметаме дека во многу проекти и многу истражувања можеме заедно да настапиме. Затоа оваа иницијатива максимално ја поддржуваме и сметам дека ќе имаме многу добри резултати - изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.
Крагуевац има близу 20 илјади студенти на 12 факултети, од кои шест во Крагуевац и шест во околните градови. Инфраструктурно двата универзитета се многу слични.