Реномиран професор од Бугарија стана почесен доктор на науки на УГД

 

Проф. д-р Николај Цанков денес беше промовиран во почесен доктор на науки од страна на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Станува збор за исклучително квалитетен професор со светско реноме кој  има потекло од Штип.

  • Сум добивал светски признанија и награди. Мои патенти се продаваат на целиот американски континент, но ова признание ќе ми биде најдраго од сите. Ова признание е за моите родители, за мојата мајка која не можеше да ме види како професор. Особено ми е драго затоа што доаѓа од овој град, од Штип. Ова е доказ дека едно Македонче од Штип може да достигне светски височини - изјави проф. д-р Николај Цанков.

Признанието почесен доктор на науки (Professor Honoris Causa) денес му го додели ректорот на УГД, кој истакна дека Универзитетот „Гоце Делчев“ е особено горд што го има професорот Цанков во своите редови.

  • Станува збор за една исклучителна личност во областа на дерматовенерологијата, исклучителна личност во светски рамки. За нас како Универзитет претставува чест што можеме да го промовираме него како почесен професор на Универзитетот. Мислам дека нашата академска заедница добива многу во делот на истражувањата и развојот на медицинските науки, а и во делот на соработката со Република Бугарија - изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.

Професор Цанков е член на дваесетина дерматолошки здруженија ширум светот, уредник на неколку научни списанија, автор на голем број научни трудови, а бил поканет пленарен предавач на стотина еминентни светски универзитети. Специјализирал дерматовенерологија во Париз, а во два мандати бил и декан на државниот Медицински факултет во Софија. Тој е дописен член на Бугарската академија на науки и уметности.

 

Последен пат изменето на Понеделник, 18 Март 2019 09:36
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…