Проф. д-р Васо Талески добитник на Повелбата „Д-р Трифун Пановски“

Професор д-р Васо Талески од Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип е еден од четирите добитници на највисокото професионално признание што го доделува Македонското лекарско друштво, Повелбата „Д-р Трифун Пановски“.

Повелбата му беше доделена на свеченоста што се одржа во Скопје, по повод одбележувањето на Светскиот ден на здравјето – 7 април, во организација на Македонското лекарско друштво.

- Ова признание го сфаќам како признание за мојата 34-годишна работна активност во полето на микробиологијата во Македонија и на европско ниво, заради што особено сум им благодарен на Здружението на микробиолози на Македонија и на Федерацијата на европски микробиолошки друштва преку кои  сум можел да ги спроведам сите свои активности и да ги реализирам моите визии со големо значење за микробиолозите како во Македонија, така и во Европа па и пошироко. Ова е признание за институциите каде што сум  работел, како што е поранешната Воена болница во Скопје, каде што сум поминал повеќе од 25 години од работниот стаж, и во институцијата во којашто сега работам, а тоа е Факултетот за медицински науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Ова е признание за сите мои учители. Еден од нив е присутен овде, прим. д-р Стево Грдановски, еден од поранешните претседатели на Македонското лекарско друштво. Посебно сум горд и благодарен што е присутен денеска со нас и на сите други учители од кои сум го научил најдоброто за да им го пренесам на моите студенти. А тоа е следното: дека секој што почнал да студира медицина ќе добие вистинска диплома, меѓутоа да се стане вистински доктор треба да се вложи огромен напор во борбата за знаење, доживотно учење и усовршување, да се вложи огромна љубов кон професијата и почит кон пациентите - изјави проф. д-р Васо Талески на свеченото доделување.

Покрај Повелбата на професорот Талески, на свеченоста им беа доделени признанија на повеќе доктори од државата, меѓу нив и на уште двајца професори од Факултетот за медицински науки при УГД – проф. д-р Милка Здравковска и проф. д-р Ѓорги Шуманов.

 

Последен пат изменето на Вторник, 09 Април 2019 09:21
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…