УГД го одбележа денот на Европа

Правниот факултет и Ликовната академија го одбележаа 9 мај - Денот на Европа. Со неколку работилници на различни теми, истражувања и изложби студентите и професорите говореа на различни теми.

  • Денеска го одбележуваме Денот на Европа, но и Денот на победата над фашизмот. Македонскиот народ учествуваше во Втората светска војна на страната на победниците, но ние сме дел од Европа и имаме право да го празнуваме Денот на Европа. Нашите европски амбиции се од создавањето на Македонија, поминавме тежок пат, но сѐ уште не сме ја постигнале целта. Во моментот чекаме датум за преговори. Кога ќе го добиеме датумот веројатно ќе се радуваме, па ќе чекаме да дојде тој датум, па ќе почнеме да преговараме. Тоа ќе трае неколку години, поглавје по поглавје, по што би можеле да го видиме тој ден и нашата република да стане дел од европското семејство - изјави проф. д-р Дејан Маролов.

Во рамките на работилниците беше презентирано и истражување кое се однесуваше на семејното насилство.

  • Во истражувањето се забележуваат елементи на традиционално и патријархално семејство. Ова е еден од основните индикатори кој влијае да имаме семејно насилство. Од истражувањето можеме да забележиме дека две третини од испитаниците одговориле дека во нивната поширока околина се запознати со случаи на семејно насилство, а во нивната поблиска околина една третина одговориле. На прашањето дали во вашето семејство има семејно насилство еден од десет рекол дека има - изјави проф. д-р Страшко Стојановски од УГД.

Истражувањето го работеа студентите на Правниот факултет преку менторството на професорите, а во рамките на Институтот за правни и политички истражувања на УГД.

  • Направивме истражување за семејното насилство. Дојдовме до заклучок дека во Источна Македонија постојат семејства кои се традиционални и силно патријархални. Испитаниците се запознати со семејното насилство, но не се запознати како да се заштитат. Очекувано секоја трета жена е жртва на семејно насилство, директно или индиректно, а насилството се спроведува од мажот кон жената или од родителите кон децата - изјави студентката Ангела Конева, која учествувала во ова истражување.

Целиот настан се одржа во свечената сала на Правниот факултет. Во рамките на одбележувањето во фоајето на Правен факултет се отвори Изложба на плакати на студентите од Ликовната академија, со наслов „Насилство врз жените“ #Metoo We too!“, под раководство на вон. проф. Јана Јакимовска.

Последен пат изменето на Вторник, 07 Мај 2019 15:05
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…