Студентите го организираа Вториот конгрес на студенти по општа медицина

Студентите на насоката Општа медицина на Факултетот за медицински науки при УГД успешно го организираат Вториот конгрес, оваа година на тема „Што значи медицината – ако умираме сите“. Претставникот на Организацискиот одбор на Конгресот, студентот Коста Замановски изрази благодарност до УГД за поддршката во организацијата, но и до Клиничката болница „Аџибадем систина“, како и до останатите кои го помогнаа одржувањето на Конгресот.

- Задоволни сме што годинава го продолжуваме она што минатата година го започнавме со голем ентузијазам. Конгресот опфаќа презентација на трудови, а имаме 120 активни учесници, од кои 50 се со приказ на случај, а останатите се истражувања. Вкупно се пријавени над 700 учесници, а имаме и пленарни предавања од познати имиња од областа на медицината – изјави Замановски.

- Задоволство е да ги поддржиме студентите од ФМН во организацијата на овој Конгрес. Мислам дека е значајно да ги поддржиме овие студенти, бидејќи ФМН е носечки факултет по својата димензија, број на студенти, по значењето и она што студентите го прават е од исклучително значење во поглед на она што е наша иднина и наша здрава популација. Ние ќе ги поддржуваме во сите нивни активности. ФМН е најголем на УГД, со вкупно 23,5 % од сите студенти на Универзитетот, како и со бројот на вработени и професори. Партиципираат над 150 надворешни професори од сите клиники, од јавниот и од приватниот здравствен сектор во Македонија. УГД и досега многу инвестирал во Факултетот за медицински науки и ќе продолжи да инвестира - изјави ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев.

Еден од пленарните предавачи беше и д-р Јовица Угриновски, кој истакна дека ова е еден убав начин на кој студентите уште од студентско време се учат да водат научна работа и да соработуваат со своите професори.

- Импресиониран сум од она што штипскиот универзитет за многу кратко време го направи, благодарение на луѓето кои го водат. Импресиониран сум од Факултетот за медицински науки и од високото ниво на медицинска наука што се спроведува тука – изјави Угриновски.

- Ова е Втор конгрес на студентите од општа медицина и е на рамниште на светски сениорски конгрес, а не само на студентски. Она што е карактеристично е дека ние секогаш даваме отворена поддршка и целосна слобода во организацијата на вакви настани на студентите. Тие се одговорни, тие имаат потенцијал, тие знаат како. Многу често ние не се фокусираме доволно и верувајте од нив можеме само да учиме. Се надевам дека конгресот ќе продолжи и во наредните години да биде пример за овој универзитет, да ги промовира и факултетот и универзитетот, а од квалитетот на овие настани на некој начин ние можеме да видиме каков е квалитетот и на наставата и на наставниот кадар и каква е политиката на нашиот универзитет – смета деканот на ФМН, проф. д-р Рубин Гулабоски.

Работниот дел на Конгресот се одвива во Мултимедијалниот центар на УГД, во деновите 9 и 10 мај (четврток и петок).

Видео

Последен пат изменето на Четврток, 09 Мај 2019 13:38
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…