Студенти од ФТБЛ освоија пехар и медали на Меѓународен гастро-туристички фестивал

Студентите од Факултетот за туризам и бизнис логистика кои учествуваа на Меѓународниот гастро-туристички фестивал во Ниш, Република Србија, освоија 8 златни, 4 сребрени и 3 бронзени медали.

Воедно, на Факултетот за туризам и бизнис логистика му беа доделени пехар и гран-при награда за најдобра високообразовна институција на фестивалот според покажаните резултати.

Настанот се одржа во периодот од 13 до 16 јуни во Ниш. Станува збор за 6. Меѓународен гастро-туристички фестивал. Фестивалот беше во организација на Здружението на угостителски и туристички работници од Ниш, а истиот е под покровителство на Министерството за трговија, туризам и енергетика на Република Србија, Туристичката организација на градот Ниш, Кулинарската федерација на Србија и WACS – World Association of Chefs Socities (Светската асоцијација на шефови на кујни). На фестивалот учествуваа околу 200 учесници, меѓународни судии, професионални готвачи и натпреварувачи од 24 држави. На отворањето на Фестивалот присуствуваа видни личности од градот Ниш, а пред присутните се обрати и градоначалникот на Ниш, г. Дарко Булатовиќ.

Учесниците на Фестивалот кои се вклучија во натпреварувачкиот дел беа поделени во јуниорски и сениорски категории, а своите кулинарски вештини ги презентираа поединечно во повеќе категории на подготовка на јадења, како јадења од риба, месо, гулаш, чорби, пици, национални јадења, традиционална трпеза и др. Студентите на овој натпревар беа менторирани од страна на професорите Нако Ташков, Дејан Методијески и Оливер Филипоски.

Фестивалот им даде можност на студентите да се запознаат со своите колеги од странство, да разменат мислења и контакти и да ги следат гастрономските новитети во меѓународни рамки. Исто така, студентите имаа можност да се запознаат со туристичките потенцијали на градот Ниш кој изобилува со објекти од културно и историско наследство. Покрај работниот дел и богатата социјална програма, за учесниците на Фестивалот беше организирана едукативна посета на Хидроелектраната „Вучје“ која работи од 1903 година, Фабриката за зачини „Јами“ каде што се произведуваат најразлични видови на прехранбени производи, како и Високата бизнис школа за стручни студии каде што се изучуваат насоки поврзани со туризмот, угостителството и бизнис логистиката во градот Лесковац.

Последен пат изменето на Понеделник, 17 Јуни 2019 10:40
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…