Посетата резултира со практична работа во клиниката „Жан Митрев“ во Скопје, која е придружна членка на УГД, и средби со свои колеги студенти и професори од УГД.
- Овде сме од 9 август. Нашите студенти беа на практична работа во клиниката „Жан Митрев“. Овие денови сме на УГД, имаме средби со професори, студенти и раководството на Универзитетот, а наскоро ќе одиме и во Охрид. Сметам дека ова е одлична можност за нас и за нашите студенти. Луѓето овде се многу гостопримливи и со добра душа - изјави Ариом Јанин, професор на медицински науки на Универзитеот во Самара.
Студентите од Русија кои се во посета на УГД велат дека Македонија и Русија имаат големи сличности, но и големи разлики.
- Можевме да видиме современа клиника според сите стандарди, какви што има и во Русија, но воедно можевме да видиме и еден непосреден контакт со професорите и студентите. Овде професорите имаат многу поблизок однос со своите студенти и за нас ова е одлично искуство - изјави Светлана Собина, студентка од Универзитетот во Самара.
Групата руски студенти и професори денеска го посетија ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев. Веќе од утре групата заминува во посета на Охрид и некои други значајни места во Македонија.
Соработката со Универзитетот во Самара се одвива веќе неколку години и таа е особено изразена со Факултетот за медицински науки при УГД. Еднаш годишно двата факултета имаат размена на студенти и наставнички кадар. Како што доаѓаат студенти од Русија, така и студенти од Македонија еднаш годишно одат во посета на Самара.