Втора научна конференција за предизвиците во туризмот во 21 век

Најновите трендови во туризмот и бизнис логистиката се во центарот на вниманието на Втората меѓународна научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21 век“, која се одржува на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип од страна на Факултетот за туризам и бизнис логистика.

Годинава во организацијата како партнери се вклучени и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Факултетот за туризам во Охрид и Факултетот за хотелски менаџмент и туризам во Врњачка Бања (Универзитет Крагуевац).

- Пријавени се 63 автори со 36 трудови од пет држави. Имаме презентации поделени во две сесии. Туризмот претставува светски процес во кој и ние како држава, но и како регион, имаме водечка улога да го развиваме тој туризам. Покрај теми од туризмот, имаме и неколку трудови од бизнис логистиката – изјави деканот на ФТБЛ, проф. д-р Никола Димитров.

Учеството на Факултетот за туризам во Охрид и Факултетот за хотелски менаџмент и туризам во Врњачка Бања е резултат на Договорот за соработка што го имаат потпишано со ФТБЛ:

- Мислам дека оваа конференција е темел на развојот на нашите идни односи и во изнаоѓањето на нашите идни односи во правец на изнаоѓање на тоа што е туристички производ кој може да го покренат и Македонија и Србија. Ова е добра приказна, во смисол на искуствата кои ги имаме, да ги размениме. И Македонија и Србија имаат можности и перспектива во руралниот туризам, и ние и вие имаме добра храна и пијалаци, и во таа насока треба да се бара патот кон развој на нови туристички производи што ќе ги доведат оние туристи кои сакаат да побегнат од урбаните средини, а од друга страна да го понудиме она што го имаме како компаративна предност пред останатите дестинации – изјави проф. д-р Драган Цвијановиќ, декан на Факултетот од Врњачка Бања.

Поддршката за конференцијата, исто како и во нејзиното прво издание минатата година, доаѓа и од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, а од тој аспект учествуваше и нејзиниот директор Љупчо Јаневски.

 -Токму ваквите научни конференции се шанса за размена на меѓународните искуства и регионалното поврзување. За два месеца Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот заедно со туристичките организации на Србија и Црна Гора ќе учествуваат заеднички на престижен Азиски саем за туризам, каде што ќе се понудат заеднички комплементарни туристички тури – изјави Јаневски.

Последен пат изменето на Понеделник, 16 Септември 2019 08:22
Одбележен под
Share this article
Top
We use cookies to improve our website. By continuing to use this website, you are giving consent to cookies being used. More details…