Презентацијата на можностите беше и главна содржина на настанот наречен „И стартап е опција“, кој се одржа во свечената сала на Кампус 2 на УГД. Претставниците од „Икс фактор акцелератор“ ги презентираа условите под кои одредена бизнис идеја може да биде помогната со грант од 30.000 евра, кои, доколку идејата биде успешно реализирана и поткрепена финансиски и од основачите на стартапот, може да бидат само дел од финансиската поддршка, односно во одредени услови поддршката може да биде и значително поголема.
- Покрај овој настан, ќе финишираме со уште еден, на 19 ноември, во рамките на глобалната претприемничка недела која се одржува од 18 до 25 ноември. Посебно ми е драго што сме надвор од Скопје и со УГД ќе се обидеме да ја раздвижиме регионалната стартап сцена. Првиот инвестициски циклус го заокружуваме, при крај сме во процесот на носење одлука за првите стартапи. Сакаме да привлечеме интересни идеи за вториот циклус кој ќе следува, и затоа сме овде. Накратко, ние поддржуваме почетни стартапи, во почетна фаза од развој, до 30.000 евра. Проектот е поддржан од Светска банка со 75% средства, а останатите се од Акцелератор – изјави д-р Игор Андреев од „Икс фактор акцелератор“.
- Заинтересираните за основање стартап компанија ќе имаат можност да побараат информации кои им се потребно и од Центарот за трансфер на технологии. Тоа значи дека можете да се обратите за секоја информација која ви е потребна, бидејќи ние сме во постојан контакт со „Икс фактор акцелератор“ и можеме да ви ги обезбедиме потребните информации и да ви помогнеме во развојот на вашите бизнис идеи – изјави м-р Васко Златковски од Центарот за трансфер на технологии на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.