Професорката Ванѓа Димитријева-Кузмановска вели дека креирањето и дизајнирањето на детска облека не е само во овие пет години на организирање на овој хуманитарен настан, туку од отворањето на Технолошко-техничкиот факултет професорите и студентите се вклучуваат во бројни хуманитарни акции.
- Петта година по ред овој настан се одржува во НУ „Спомен куќа Тодор Проески“, бидејќи соработката со оваа установа ја имаме веќе подолг временски период, и не само за ревии изложби на нашите студенти. Настанот го правиме во овој период на празници, околу Свети Никола, бидејќи тука има многу деца кои немаат родители, посвоени се во семејства, и се надеваме дека со нашата дејност, со овие дизајни, можеме да дадеме придонес. Оваа година, по толку години работа, добивме помош и од Општина Крушево, што за нас е важно, бидејќи досега сами со сопствени средства ги набавуваме материјалите за облеката што ја дизајнираме и која ќе им биде подарена на децата. Кога имаме помош полесно се работи и за нашите студенти тоа е огромен поттик. Има најава и иницијатива од Универзитетот „Неофит Рилски“ од Благоевград во иднина и тие да се вклучат во манифестацијата. Преку овие настани ние ќе дадеме поттик и кон други институции да се вклучат во овој проект, бидејќи навистина е значајно за тие на кои нема кој да им подаде рака.Да им подадеме рака и да им дадеме една мала насмевка и надеж, зашто целото наше живеење се сведува на хуманоста – изјави проф. д-р Кузмановска.