Во рамките на одбележување на денешниот празник, ректорот на УГД проф. Д-р Блажо Боев истакна дека во текот на 2020 година главен фокус на оваа високообразовна институција, која го носи името на Делчев е трансформација, која ќе биде одржлива и предвидлива и којашто нуди иднина на вработените и на студентите.
- Сите реформи, кои универзитетот ги прави се во насока на тоа да се прилагоди на времето, процесите и да се интегрира во Европската унија и мислам дека тоа го правиме успешно и Универзитетот за две до три години ќе биде структура, која е многу зајакната, којашто е одржлива, предвидлива, вели Боев.
Прашан дали студентите ќе имаат квалитетно образование, а Универзитетите нема да се натпреваруваат со бројки, односно колку студентите запишале, туку какво знаење им даваат, Боев истакна она што во минатото не се можело да се промени, сега самата миграција на младите веќе тоа го прави.
- Мислам дека неминовно ќе дојде до тоа да мораме да работиме со мали групи, што значи квалитетот мора да дојде до израз, не треба студентите да бидат интерес на институциите во поглед на нивните да кажеме социјални или материјални права. Мислам дека тоа се права на државата и мислам дека професорите треба да го работат она за што се платени, а тоа е квалитетно образование на студентите и да излезат способни граѓани за времето кое е пред нас и за 21 век, вели Боев.
Во зградата на ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ се наоѓа и спомен собата на Делчев, во којашто се зачувани клупите, но и други предмети во времето, кога учителствувал Делчев во штипско Ново Село. Посети има од страна на туристи и ученици. (Штип, февруари, 2020, МИА).
Одбележано раѓањето на Гоце Делчев